
Соопштение за јавност на Левица:
По однос на спорните Предлог-измени на Законот за градежно земјиште, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на последната седница на Собранието побара оваа точка, односно предлог да биде повлечен од дневен ред и да се организира јавна дебата со експертската јавност. Владејачкото мнозинство го одби предлогот на пратеникот и ја изгласа потребата за носење на измените по скратена постапка:
,,Јас барам точката осум, односно Предлог – законот за изменување на законот за градежно земјиште, да биде тргната од дневен ред и за неа да се организира јавна дебата, затоа што на овој начин архитектонската фела, посебно, е оттргната од целиот овој процес” – истакна на собраниската седница пратеникот и потпретседател на Левица, м-р Реџеп Исмаил.
– Нашите информации говорат дека и сега јавните површини на одредени институции, особено дворовите на училиштата се узурпирани, каде што наместо нашите ученици во овие училишта да ги користат овие простории, тие се отуѓени на приватни лица, коишто заработуваат милиони од своите приватни бизниси. Од оваа и други причини, барам оваа точка да биде тргната од дневен ред и за неа да се организира поширока дебата, каде што ќе бидат вклучени чинители, коишто, навистина, ја разбираат оваа материја – појасни Исмаил.
Според пратеникот од Левица, спорно е што Предлог – законот за изменување на законот за градежно земјиште е ставен на дневен ред по скратена, а не по редовна постапка.
– Подолу имаме еден куп други предлог – измени, коишто се однесуваат само на технички измени, односно промена, додавање на „Северна” во законите и промена на името на министерствата и истите се по редовна постапка, а оваа толку важна материја со која владејачкото мнозинство, веројатно, сака дополнително да си го олесни процесот на оттуѓување на државно земјиште кон своите блиски во нивната партиска структура, е ставена по скратена постапка – додаде Исмаил од Левица.
– Ние како да не ја сфативме пораката со трагедијата во Кочани! Со овој предлог се олеснуваат бирократските процедури за државното земјиште, за полесно да биде отуѓено или дадено на користење на приватни лица. Ова е недозволиво! Мислам дека оваа област треба, особено, да се анализира и да се видат последиците на сегашната состојба – поентираше тој.