Утрински Весник
Македонија

Исмаил од Левица: Наместо Анѓушев и олигарсите, ВМРО-ДПМНЕ ќе даночи шноли од Тему

20240814141540.jpg

„Кога сивата економија ви цвета, кога имате рамен данок на добивка, од каде што треба да се полни буџетот, вие одлучувате на и онака огромниот процент на приход од ДДВ кој популарно се нарекува ‘данок на сиромашни’ – да се полни дополнително од нив. Практично, празниот буџет ние ќе го полниме од тоа што нашето граѓанство купува шноли, боички, играчки, но ќе го оставиме Кочо Анѓушев и странските директни инвестиции да имаат рамен данок”, истакна Реџеп Исмаил, пратеник од Левица, на собраниската расправа на која со 59 гласа „за” и 12 „против” се изгласаа измените на Законот за данок на додадена вредност.

Според Исмаил изгласувањето на ваков закон со кој се укинува даночното ослободување за пратките со мала вредност, што значи дека граѓаните отсега ќе плаќаат 18% ДДВ и за нарачките до 22 евра, а од друга страна странските инвестиции да се даночат со рамен данок, има многу голема негативба социјална компонента. Исмаил истакна дека во време кога инфлацијата ја загрозува куповната моќ на граѓаните со воведување на ваков данок не се заштитува домашното производство, зашто Македонија тие производи не ги произведува, туку само се штитат ситните трговци, на штета на најголемиот број од граѓаните.

„Светот оди напред. Ние не можеме да ги запреме овие процеси на онлајн пазарење. Вие се одлучувате дополнително да ги даночите овие производи што ќе влијае на социјално просечните семејства какви што се во најголем број во државава”, рече Исмаил.

Во своето излагање тој упати и директно барање до министерката за финансии која во изјава за медиумите кажа дека граѓаните немало да го почуствуваат зголемувањето затоа што тие ќе се договарале со шпедитерските куќи. „Јас сакам да и предложам, доколку е сигурна дека производите нема да поскапат, разликата што ќе произлезе во трошоците за граѓаните, после една година таа да ја плати. На крај на година ќе отвориме еден фонд и министерката таа разлика нека ја уплати во тој фонд. Со тие пари може да лечиме наши сограѓани во странство”, предложи Исмаил.

На крај од своето излагање Исмаил критикуваше дека власта со овие измени нема да го наполни буџетот, туку дека измените ги прави само за да ги задоволи директивите на Европската унија. „Ако мислите да го полните буџетот со оданочување на шолји, нереално е тоа да се очекува. Вие само ги задоволувате барањата на вашите геостратешки стопани и тоа на директна штета на граѓаните кои што ве избрале. Наместо регресивна даночна политика која ја казнува сиромаштијата, да се зафатиме да го полниме буџетот со тоа што ќе ги зголемиме даноците на добивка”.

Можете да прочитате

Откриена група крадци и помагачи кои краделе предмети во рудникот Бучим и ги продавале на нелегален отпад

УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките – еве кои се со значително зголемен водостој!

Собранието ги изгласа измените на Законот, ќе се плаќа ДДВ на пратките од „Тему“ и „Алиекспрес“