
Ерфан Солтани, 26-годишен Иранец и еден од илјадниците демонстранти уапсени за време на неодамнешните протести во Иран, се соочува со непосредна егзекуција, откако само неколку дена по апсењето беше осуден на смрт, пренесуваат Би-Би-Си, АФП и Амнести Интернешнл. Солтани бил уапсен минатиот четврток во Карај, град на северозападниот раб на Техеран, во екот на протестите и непосредно пред исклучувањето на интернетот во земјата. Би-Би-Си разговарал со член на неговото семејство, кој изјавил дека судската постапка траела само два дена. „За само два дена беше изречена смртната казна, а на семејството му беше кажано дека егзекуцијата ќе се изврши во среда“, рекол роднината.
Амнести Интернешнл предупреди за случајот на Солтани, изразувајќи сериозна загриженост дека иранските власти повторно прибегнуваат кон кратки судења и произволни егзекуции со цел да го задушат и одвратат секое неистомислење. Во меѓувреме, АФП јавува дека иранските обвинители најавиле поднесување обвиненија против дел од демонстрантите, кои ги квалификуваат како „бунтовници“, за кривични дела за кои е предвидена смртна казна. Според податоците на набљудувачите за човекови права, Иран е меѓу земјите со најголем број егзекуции во светот, втор по Кина. Норвешката организација „Iran Human Rights“ соопшти дека минатата година во Иран биле егзекутирани најмалку 1.500 лица.

