
Иранската револуционерна гарда (ИРЦГ) денеска соопшти дека стратегијата на затворање на Ормускиот Теснец ќе продолжи и во наредните денови, истакнувајќи дека споменатиот план е во согласност со упатствата на новиот ирански ајатолах, Моџтаба Хамнеи.
Командантот на иранските морнарички сили на Револуционерната гарда, адмирал Али Реза Тенгисири, на Х објави дека „нападите врз непријателот ќе продолжат и дека, по налог на новиот врховен водач, Ормускиот Теснец ќе остане затворен“.
„Ќе продолжиме да го напаѓаме непријателот и, според упатствата на новиот врховен водач Моџтаба Хамнеи, стратегијата за затворање на Ормускиот Теснец ќе се спроведува“, наведе Тенгисири во објавата, пренесе Ал Џезира.
Во својата прва изјава по изборот, новиот ајатолах Моџтаба Хамнеи рече дека Ормускиот Теснец мора да остане затворен додека траат американско-израелските напади, наведува иранската државна телевизија. Во аудио-порака емитувана претходно денеска, Хамнеи истакна дека Иран бил изложен на „неправда и агресија“, оправдувајќи го продолжувањето на политиката на затворање на стратешкиот енергетски премин.
Претходно, на 3 март, советникот на командантот на Иранската револуционерна гарда соопшти дека е затворен Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за извоз на нафта, со предупредување дека ќе биде нападнат секој брод што ќе се обиде да помине по тој половен пат.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата, на 28 февруари, во рамките на „превентивни напади“ по неуспехот на преговорите за нуклеарната програма. Иран одговори со масовни удари врз Израел и американските цели низ Блискиот Исток.

