
Иранските власти денес ја уапсија добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади (53), соопшти Фондацијата Наргес. Мохамади е приведена во Мешад, околу 680 километри североисточно од Техеран, каде што присуствувала на комеморација за адвокатот за човекови права Хосров Аликорди, кој неодамна беше пронајден мртов под сомнителни околности, пренесува АП. Нејзините поддржувачи наведуваат дека Мохамади е „присилно приведена“ од „безбедносните и полициските сили“.
„Фондацијата Наргес повикува на итно и безусловно ослободување на сите притворени лица кои присуствувале на комеморативната церемонија со цел да искажат почит и да покажат солидарност. Нивното апсење претставува сериозно кршење на основните слободи“, се наведува во соопштението.
Мохамади беше ослободена од затворот Евин во Техеран во декември 2024 година по медицински причини, каде што отслужуваше 13-годишна и деветмесечна казна за дослух против државната безбедност и пропаганда против иранската влада. Таа ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година, а според „Гардијан“, Мохамади била затворена 13 пати и осудувана пет пати, вкупно на повеќе од 30 години затвор.


