Утрински Весник
Свет

Иран се закани: Ќе употребиме оружје што светот не го видел

Img 9081.jpeg

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп преку видеопорака објавена на социјалните мрежи се осврна на долгогодишните тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, потсетувајќи на децениските конфликти меѓу двете земји, вклучително и заземањето на американската амбасада во Техеран во 1979 година.

Неговото обраќање доаѓа во момент на драматична ескалација на Блискиот Исток, откако САД и Израел започнаа координирани воени напади врз цели во Иран, насочени кон военото и политичкото раководство на земјата, објави 4news.mk.


Техеран ги оцени нападите како „неиспровоцирани и незаконски“, по што возврати со лансирање ракети кон Израел, како и кон неколку арапски држави со американски воени бази. Иранските власти најавија дека одговорот допрва ќе следува, а командантот на Иранската револуционерна гарда, Ебрахим Џабари, изјави дека наскоро ќе биде употребено „досега невидено вооружување“, пренесува иранската државна телевизија.

Според три извори запознаени со ситуацијата, во израелските напади биле убиени иранскиот министер за одбрана Амир Насирзаде и главниот командант на Револуционерната гарда, Мохамед Пакпур. Првиот бран од операцијата, која во Пентагон била именувана како „Епски гнев“, бил фокусиран на високи функционери, додека вториот бран напади бил насочен кон ракетни лансери на иранска територија.

Воената операција следуваше само два дена по неуспешните индиректни преговори меѓу САД и Иран, одржани во Женева со посредство на Оман, поврзани со иранската нуклеарна програма.

Израелски функционери изјавиле дека потенцијални цели биле и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, како и претседателот Масуд Пезешкијан. Засега нема официјална потврда за исходот од тие напади, а според извори на Ројтерс, Хамнеи во моментот на нападите не се наоѓал во Техеран, туку бил преместен на безбедна локација.

Иранските државни медиуми, пак, јавуваат дека најмалку 40 лица загинале во воздушен напад врз основно училиште за девојчиња во јужниот дел на земјата, навод што израелската армија сè уште не го коментирала.

Ситуацијата во регионот останува крајно напната, додека двете страни испраќаат пораки дека конфликтот може дополнително да ескалира.

Можете да прочитате

„Помошта пристигна“: Нетанјаху ги повика Иранците да излезат на улиците за да го соборат режимот

Иранската Црвена полумесечина соопшти дека повеќе од 200 луѓе загинале во американско-израелските напади

Пезешкијан го осуди американско-израелскиот напад врз иранско основно училиште