Утрински Весник
Свет

Иран: САД нè нападнаа, преговорите повеќе не се опција

Aragci.webp.webp

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во понеделник изјави дека преговорите со САД повеќе не се опција откако САД и Израел започнаа воена операција против Иран. Во интервју за PBS NewsHour, Арагчи рече дека не мисли оти разговорите со Американците „веќе ќе бидат на нашата агенда“.

Коментарите на Арагчи доаѓаат кратко по назначувањето на нов ирански врховен лидер. Моџтаба Хамнеи, син на покојниот ајатолах Али Хамнеи, беше именуван за наследник во неделата, повеќе од една недела откако неговиот татко беше убиен во израелски напад.


Арагчи рече дека е „прерано“ Моџтаба Хамнеи, кој сè уште јавно не ја објавил својата нова улога, да коментира за можни разговори со САД. „Сите ги чекаме неговите говори и коментари, кои ќе следат. Сепак, не мислам дека прашањето за разговори или повторни преговори со Американците би било на маса бидејќи имаме многу горчливо искуство со нив“, објасни тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп, чија администрација понуди различни, а понекогаш и контрадикторни објаснувања за војната, минатата недела повика на „безусловно предавање“ на Иран. Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, во петокот изјави дека тоа ќе се постигне кога Трамп ќе утврди дека Иран „веќе не претставува закана за САД“.

Испраќање порака

Трамп го отфрли синот на Хамнеи како „неприфатлив“ избор дури и пред номинацијата, велејќи дека би сакал да види „некого што ќе донесе хармонија и мир во Иран“. Во понеделник, тој го нарече својот избор „голема грешка“ во емисијата „NBC“, а подоцна за „CBS News“ изјави дека имал некој друг на ум за улогата, без да образложува повеќе.

Арагчи, од друга страна, рече дека назначувањето на Моџтаба Хамнеи испраќа порака за „континуитет, а во исто време и еден вид стабилност“. Иранскиот министер потсети на минатогодишните преговори за нуклеарната програма на Иран, кои му претходеа на бомбардирањето на три нуклеарни постројки од страна на САД во јуни.

Потоа Трамп ги оправда нападите тврдејќи дека Иран „отфрлил каква било можност да се откаже од своите нуклеарни амбиции“. Арагчи истакна дека за време на последната рунда преговори во февруари, Американците ветиле дека „немаат намера да нападнат“, а сепак го сториле тоа.

Конфликтот ги зголемува цените на нафтата

Во меѓувреме, конфликтот на Блискиот Исток предизвикува прекини во производството на нафта и транспортните линии, што доведува до зголемување на цените на горивата. Цените на бензинските пумпи во САД скокнаа на просек од 3,48 долари за галон, што е зголемување од речиси 17 проценти од почетокот на американско-израелските напади на 28 февруари.

На прашањето дали Иран може да ја искористи зависноста на светот од нафта за да изврши притисок врз САД и Израел да ги сопрат нападите, Арагчи одговори негативно.

Иран: „Ние не сме виновни за несигурноста во регионот“

„Не е наша вина. Не е наш план“, рече Арагчи. „Транспортот на нафта е забавен или запрен не поради нас, туку поради нападите и агресијата на Израелците и Американците. Тие го направија целиот регион небезбеден.“

Тој објасни дека затоа танкерите за нафта „се плашат“ да поминат низ Ормускиот теснец, клучен превозен пат за снабдување со енергија. „Ние не го затворивме тој теснец. Не им спречуваме да пловат низ него“, додаде тој, нагласувајќи дека нападите на САД и Израел имаат последици за целата меѓународна заедница.

„Имаме право да се браниме“

Иран, исто така, изврши напади врз нафтени постројки во други земји од Заливот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Кувајт. Арагчи ги оправда тие напади како одбранбени, нарекувајќи ја американско-израелската операција „чин на агресија што е апсолутно нелегален“.

„Веќе ги предупредивме сите во регионот дека ако САД нè нападнат, ќе мора да ги нападнеме нивните бази, објекти и средства во регионот, бидејќи не можеме да стигнеме до територијата на САД. Предупредивме дека како резултат на тоа, војната ќе се прошири на целиот регион“, рече тој. „Ова е последица на американската агресија. Ние не сме одговорни за тоа“, заклучи Арагчи.

Можете да прочитате

„Ќе го нападнеме Иран толку силно што нема да може да се обнови никогаш, ќе има смрт и оган над нив“ – Дали Трамп суптилно се заканува со нуклеарно оружје?

Во Израел повредени над 190 лица по вчерашните ирански напади

Иран до Трамп: Ние ќе одлучиме кога ќе заврши војната