Утрински Весник
Свет

Иран ја проширува забраната за шетање кучиња во дваесетина градови

20250609193430 big 730x400 60.webp.webp

Иранските власти ја проширија забраната за шетање кучиња во повеќе градови низ земјата, повикувајќи се на јавен ред, безбедност и здравје, објави Би-Би-Си.

По полициската наредба од 2019 година, со која беше забрането шетањето кучиња во Техеран, минатата недела забраната беше воведена во најмалку 18 дополнителни градови. Забранет е и превозот на кучиња во возила.


Од Исламската револуција во 1979 година, иранските власти се противат на поседувањето кучиња, сметајќи ги за „нечисти“ и симбол на западното влијание. Сепак, бројот на сопственици на кучиња расте, особено меѓу младите, кои тоа често го гледаат како форма на бунт против строгиот режим. Како што пренесува Франс24, градовите Исфахан и Керман неодамна ја воведоа оваа мерка. Во Илам, на западот на земјата, каде што забраната стапи во сила вчера, локален функционер изјави дека против прекршителите ќе бидат преземени „правни мерки“. Сепак, спроведувањето на забраната е неконзистентно, па многумина продолжуваат да шетаат кучиња во Техеран и други делови од земјата.

Иако во Иран не постои национален закон што експлицитно го забранува поседувањето кучиња, локалните обвинители често воведуваат забрани што ги спроведува полицијата. „Шетањето кучиња претставува закана за јавното здравје, редот и мирот“, изјави Абас Наџафи, обвинител од западниот град Хамедан, за државниот весник „Иран“.

Некои сопственици на кучиња се уапсени, а нивните миленици им се одземени поради шетање. Многумина сега ги шетаат кучињата ноќе или на изолирани места за да ја избегнат полицијата.

Иранските политичари од исламскиот режим сметаат дека поседувањето домашни миленици е неисламско, а многу верски научници сметаат дека допирањето на куче или неговата плунка е „најис“ (верски нечисто).

Врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, изјави дека држењето кучиња, освен за чување добиток, лов или безбедност, е „достојно за осуда“. Во 2021 година, 75 пратеници го осудија поседувањето кучиња како „разорен општествен проблем што постепено може да го промени иранскиот и исламскиот начин на живот“. Во 2010 година, Министерството за култура и исламско водство забрани рекламирање на домашни миленици и сродни производи, а во 2014 година беше предложен закон за казнување, па дури и камшикување на оние што шетаат кучиња, но предлогот не беше усвоен.

Критичарите на мерките велат дека полицијата треба да се фокусира на вистинските закани за безбедноста, особено поради зголеменото насилство, наместо на ограничување на личните слободи и прогон на сопствениците на кучиња. Поседувањето кучиња, кршењето на законот за задолжително носење хиџаб, илегалните забави и консумацијата на алкохол одамна се тивок облик на бунт против иранскиот теократски режим.

Можете да прочитате

Во израелски напад врз Газа загинаа најмалку 18 лица, а повеќе од сто се повредени

Маринците пристигнаа во Лос Анџелес, но сè уште немаат наредба да интервенираат

„Се чувствувам малтретирано“ – Убиецот од Грац оставил проштално писмо