
Случајот со прегазувањето на младата Фросина покрена лавина реакции во јавноста, реакции не изостанаа и од бегството на Артан Груби, како и од последните акции на МВР против криминалните групи.
За тоа како денес функционира МВР, што се презема да се зголеми општата но и безбедноста во сообраќајот, кои чекори се преземаат за подобрување на условите за работа на полициските службеници, 24инфо.мк разговараше со министерсот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во продолжение, целосното интервју:
Почитуван министер, фокус во јавноста во изминатиот период беше бегството на екс вицепремиерот Артан Груби. Се појавија бројни шпекулации за тоа каде е тој заминат. Во овој момент има ли МВР информации што можат да се споделат со јавноста за тоа каде тој се наоѓа и кога ќе биде донесен во Македонија?
Првиот момент кога ќе имаме официјална информација за конкретно дејствие што е преземено од наша страна, јавноста секако ќе биде веднаш информирана. Сега за сега немаме официјална информација која може да ја споделиме со јавноста ниту каде е предметно лице, нити дека е достапно на било кои наши партнерски служби, како во соседството, така и пошироко. Јас како министер за внатрешни работи не можам да шпекулирам на ниедна тема и се трудам навремено ги споделам со јавноста сите оние информации коишто можам да ги споделам. Времето ќе покаже дека полицијата работи сериозно да го пронајде и врати бегалецот од правдата.
Инаку морам да напоменам дека ни мене како граѓанин и како министер за внатрешни работи не ми е мило што предметното лице не е достапно на органите на правдата. И мене не ми мило наместо да докаже дека е „чист како солза“ како што велеше преку социјални мрежи, да дојде во Македонија, да дојде во својата држава која повеќе од 40 години го хранела и му дала шанса да ја претставува како вицепремиер, да се соочи со доказите коишто ги обезбеди МВР за него во соработка со Јавното обвинителство и Финансиската полиција и во рамки на една процесна правда да се докаже она што е вистина. Доколку сторил штета на сметка на македонските граѓани, на буџетот на Македонија, тогаш да си ја поднесе одговорноста, доколку судот оцени дека е невин и дека јавното обвинителство и сите останати органи во рамки на постапката погрешно ги утврдиле фактите, истиот си го обели образот. За жал, јас не гледам таква иницијатива од негова страна, дека сака да си обели образот, напротив со катадневното негово молчење само се потврдува тезата дека сето она што го зборувавме пред изборите е точно, дека во минатото душмански бил краден македонскиот граѓанин и само се потврдува тезата дека навистина после долг временски период граѓаните можат да видат решителна борба против криминалот и корупцијата во Македонија.
Покренати над 670 предлози за дисциплински мерки за припадници на полицијата
Во тој период лично рековте дека во МВР има „кртови“ кои им ги предаваат информациите на криминалните групи, видовме дека одредени такви поединци беа лоцирани и санкционирани. Има ли сеуште вакви групи индивидуи во полицијата и има ли МВР капацитет и волја до крај да ги сузбие таквите појави?
Еден од приоритетите кои го имаме во работата на полицијата е борбата со криминалците или попрецизно да ги кажеме „предавниците“ во нашите редови. Пример факт е дека во последната акција во Арачиново „Бункер“ која иако беше повеќе од успешна, сепак еден од осомничените побегна само седум осум минути пред полициските службеници од специјалните единици влезат во објектот во којшто тој се наоѓаше. Факт е дека тие „предавници“ на законот, на редовите на МВР, наштетиле на како на оваа постапка така и на многу други. Но факт е дека во МВР и полицијата работат во најголем дел луѓе коишто се професионални, луѓе коишто си ја сакаат државата и луѓе посветени во борбата против криминалот и корупцијата. И тоа здраво ткиво го отфрла она другото, заболеното или корумпираното. Од доаѓање на ова раководство на чело на полицијата од месец февруари до крајот на месец ноември минатата година се поднесени над 37 кривични пријави на повеќе од 90 полициски службеници или овластени службеници лица за разни дела од несовесно работење во службата до злоупотреба на службената положба и голем број други. Досега има и 673 предлози за поведување на дисциплински постапки по различни основи. Борбата со криминалците во униформа е почната со силен интензитет и ќе ја водиме до крај бидејќи само чесна, обучена, задоволна и професионална полиција може да ја испорача безбедноста на своите граѓани и ефикасно да ја води борбата со криминалот и корупцијата. За таквите за кои зборувате нема и нема да има место во полицијата и секој што ќе биде фатен во таква активност во која го погазува законот, правдата, униформата и татковината низ легитимна и законска постапка ќе си го добие заслуженото место во сосема друга институција каде даваат топол оброк трипати на ден.
При акцијата за апсење на групата на Раде Трајковски Штекли се појавија информации дека началник на одделот за недозволена трговија наводно тесно соработувал со наркоклановите. Дали е точно и ако да какви мерки се преземени против него?
Факт е дека и во последната акција што ја спомнувате, заради вакви „кртови“ бевме принудени да изреагираме неколку дена порано за да спречиме повторно можно бегство на дел од осомничените. Имаше конкретни дејствија коишто беа преземани од страна на осомничените во насока на бегство и моравме да делуваме брзо. Сепак резултатите од акциите коишто беа извршени беа значително подобри од акциите коишто се правеле претходно. Сериозна борба против организиран криминал на вакви криминални групи не видовме во последните седум – осум години. Денес на сите им е јасно дека повеќе ваков организиран криминал нема да се штити во Македонија. МВР и покрај сите овие раритети и „предавници“ од минатото коишто сеуште ги има во министерството покажува дека може да се справи со овие предизвици. Не може никој да ме убеди дека вака добро организирани криминални групи коишто работеле во минатото така комотно а притоа да немале поддршка од одредени високи функционери во рамки на власта. Но македонскиот народ сега може да види дека кога ќе се настапи навистина професионално од страна на државниот апарат, нема сила која може да одговори, како што може да одговори државата. Секогаш имало и ќе има кртови, некој нема да е достапен на органите на прогонот, нешто можеби нема да се пронајде, но генералниот заклучок е дека покажуваме суштинска борба против се што е со предзнак криминал или корупција. Конкретен одговор за тоа што прашувате не можам да ви дадам, бидејќи МВР секогаш врши истраги во сите насоки кои се потребни и како што кажав во претходното прашање секој што ја погазува униформата, законите и Уставот и ќе биде фатен со докази, во легитимна постапка ќе го стигне правдата која требало да ја спроведува а ја погазил.
Ќе се враќа средното полициско училиште?
Неодамна МВР доби нова опрема за истрага на место на настанот. Какви се плановите за идна модернизација на македонската полиција? Дали се планирани инвестиции во нови технологии за унапредување на полициската работа, како камери за полицајците?
Ова е можеби најважното од сите прашања кога се работи за функционирањето на безбедносниот систем кој е основен предуслов за функционирањето и напредокот на се друго во една држава. Ако нема безбедност нема правда, нема напредок, нема благосостојба. Во таа насока сме целосно посветени да создаваме, да градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно, во име на граѓаните, во име на својот народ кој ја плаќа. Она што го начекавме беше хаос, непрофесионалност и некадарност. Веднаш се зафативме со решавањето на наталожените проблеми, а резултатите иако за кратко време се веќе видливи. Го организиравме процесот на вадење на лични документи, обезбедивме нова машина за печатење, отвораме управни служби таму каде што се потребни, се реновираат управни служби за градот Скопје. Веќе никогаш, ниеден македонски граѓанин нема да биде понижен и засрамен при остварување на правата кои му следуваат преку реализација на услугите од министерството за внатрешни работи.
Процесот на дигитализација кој е еден од врвните приоритети на владата и министерството креира побрзи процеси и побрзи услуги и го штеди времето на нашите граѓани. Ќе ги спомнам само можноста за аплицирање за дозвола за оружје онлајн, издавањето на уверениe за државјанство и многу други услуги кои се планираат во идниот период.
Се градат и ќе се градат нови полициски станици, се планира обновување на цел возен парк на министерството, нови модерни и фунционални униформи, материјално-технички унапредувања на сите организациони единици, нова систематизација која ќе ја максимизира ефикасноста на полицијата.
Секако во дијалог со сите вработени преку дијалог со синдикатите одговараме на нивните потреби и тука најавувам подобрување на условите за работа и преку редовно зголемување на примањата на сите вработени во МВР, посебно полициските службеници кои се најважниот дел од алката на безбедноста.
Секако имаме интензивна соработка со сите наши меѓународни пријатели и безбедносни организации кои преку разни проекти од обезбедување опрема до постојани обуки на полицијата работат на зајакнување на капацитетот на полицијата во модерна европска полиција која успешно се бори со криминалот и корупцијата и ги штити своите граѓани.
Аспектот на модернизирање на полицијата освен на опрема и материјално техничките средства исто толку важно се однесува и на човечкиот квалитет и потенцијал. Овде би ја спомнал најважната реформа која се планира во насока на обезбедување професионалност, квалитет и интегритет во полициските редови е повторно реактивирање на средното полициско училиште кое преку образовна настава во трета и четврта година ќе ги креира новите полициски службеници. Верувам дека ќе понудиме најдобри услови за работа, живот и образование да ги привлечеме најдобрите кандидати, за да испорачаме најдобри резултати.
Јавноста често коментира дека секоја година се вработуваат премногу полицајци. Во меѓувреме во процедура е носење на нов Закон за внатрешни работи. Што ќе донесе во поглед на организацијата на министерството и унапредување на неговата ефикасност?
Секоја година министерството за внатрешни работи вработува онолку полициски службеници колку што реално се потребни за одржување на безбедноста на сите граѓани, безбедноста на границите и безбедноста на државата. Според статистиките Македонија се наоѓа на средина на скалата на број на полициски службеници по глава на жител во Европа што само по себе кажува дека не се вработуваат премногу полициски службеници. Проблемот кој го наследуваме и силно работиме да го решиме е распореденоста и систематизираноста на полициските служби и службеници. На граѓаните на Македонија им се потребни повеќе полициски службеници на терен, полициски службеници кои ќе ги гледаат во своето маало, својата населба, повеќе сообраќајни полициски службеници за побезбеден сообраќај, повеќе инспектори кои брзо и ефикасно ќе ги завршуваат истрагите кои по разни основи им се потребни на граѓаните. Но, на граѓаните не им требаат повеќе полициски функционери, повеќе полициски сектори со началници и функционери чии надлежности се преклопуваат, се дуплираат и не се знае кој за што е одговорен. Пример кој многу често го кажувам е поставеноста на Граничната полиција во Македонија која е поделена на 4 сектори: Исток, Запад, Север и Југ. Сите овие сектори имаат свои посебни административни служби, посебни шофери, секретарки, посебни началници, командири, функционери. Кога може да имаат само една структура, која работите ќе ги прави навистина ефикасни. Во минатото тоа го правеле, ја пумпале раководната структура со цел искористување на бенефиции. Со новиот Закон за внатрешни работи ќе добиеме подлога за восппоставување на нови правила и систематизација со што повеќе права и многу повеќе ќе се даде на полициските службеници на терен со полициски овластувања, оние кои се во првите редови во борбата со криминалт, корупцијата и заштитата на безбедноста на граѓаните. Бројот на полициски функционерски места значително ќе се намали и ќе трансформира во места на полициски службеници кои се тука веднаш до граѓаните за нивните потреби. Не планираме отпуштања од работа, туку транформрација на многу работни места и сектори со што ќе се зголеми ефикасноста на полицијата во нејзината примарна задача а тоа е вистинска борба со крииналот, корупцијата и штитење на имотот, животот и правата на граѓаните.
Се чини дека проект на годината на МВР ќе биде активирањето на системот „сејф сити“ во сообраќајот. До каде е овој проект и дали оваа година тој конечно ќе профункционира?
Проектот „Безбеден град“ ќе биде нова ера, нова страница ако може така да се нарече во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот, справувањето со возачите кои дивеат по патиштата, заштитата на сите учесници во сообраќајот и зголемување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот. „Безбеден град“ ќе биде систем кој казнува на основа на праведност и факти и во планот е во Скопје, Куманово и Тетово да биде имплементиран до крајот на оваа година а во втора фаза да ја покриеме цела Македонија бидејќи сите граѓани заслужуваат да бидат безбедни како учесници во сообраќајот. За техничките карактеристики многу е зборувано, многу и ќе зборуваме до имплементацијата и на секој граѓанин ќе му стане јасна потребата и предностите од имплементацијата на еден таков систем. Системот ќе го отстрани целосно човечкиот фактор и ќе биде казнет секој еден кој не ги почитува сообраќајните правила. Системот ќе функционира исто како таквите системи во една Германија, Швајцарија и други напредни и модерни земји и нема да може да се манипулира на ниеден начин. Компјутерот утврдува ако некој поминал на црвено, возел брзо, направил друг прекршок и автоматски ќе генерира казна која ќе биде проследена до сопственикот на возилото. Сите аспекти на заштита на податоци и приватност ќе бидат преземени и граѓаните сите ќе се уверат дека системот целосно функционира, исто за сите и дека можело и поинаку од како досега. Бројките на жртви во сообраќајот се страшни, годишно имаме над 140 жртви во сообраќајни несреќи и со имплементацијата на системот „Безбеден град“ очекуваме овие бројки драстично да се намалат и беабедноста да се врати на улиците, булеварите и тротоарите. Со завршување на законските измени потребни да профункционира овој проект и целосната техничка имплементација и институционална оперативност ќе имаме период на информирање, кампања за адаптирање на новиот систем. Ќе ги запознаеме граѓаните преку информативна кампања и во еден период системот ќе функционира, граѓаните кои направиле некаков вид прекршок ќе добијат известување, опомена како во реални услови но нема да бидат казнувани. Проектот „Безбеден град“ има потенцијал дури да почне да го враќа изгубеното чувство кај граѓаните дека правдата е еднаква за сите.
Господине Тошковски, како Министерството за внатрешни работи се справува со зголемениот број на измами поврзани со брзите кредити? Кои мерки се превземаат за да се заштитат граѓаните од злоупотреби и лажни финансиски понуди?
Министерството за внатрешни работи сериозно му пристапува кон сузбивањето на проблемот со измамите со брзи кредити и тука ви ги вброил и компјутерските или онлајн измамите. Постојано преку системот за превенција и кампањи ги едуцираме граѓаните да не даваат свои лични податоци а се постапува и репресивно во гонењето на измамниците. И самите граѓани на некој начин се охрабруваат и ги пријавуваат случаите на измами така да имаме раст на бројките на пријавени случаи по кои следуваат исто така зголемени бројки на преземени активности, поднесени кривични пријави и број на пријавени сторители.
Само во минатата 2024 бројот на пријавени случаи е 77, за кои се превземени мерки и активности и се поднесени 18 кривични пријави и 43 писмени известувања, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 20 сторители.
Тука повторно ќе апелирам до граѓаните да не ги даваат своите лични податоци преку телефон, да не веруваат никому кој им нуди лесна и брза добивка или извлекување од некаква ситуација или одговорност бидејќи тоа се основи кои измамниците ги користат да извлечат податоци или средства од граѓаните кои им ја поклонуваат нивната доверба.
Огромен број казнети возачи во првите два месеци од годината
По случајот со Фросина, дали преземате зајакнати контроли на сообраќајот особено на критичните булевари, како Партизанска, бул. Србија, бул. Словенечка, бул. Првомајска и други локации кои важат за „црни точки“?
Безбедноста во сообраќајот е еден од главните приоритети на како формално на самото министерство, така и стратешки и работиме од самиот почеток со целосна посветеност. И сами знаете, многу пати досега е зборувано за системот „Безбеден град“ кој како што рековме погоре ќе биде нова ера во безбедноста на патиштата и улиците низ главниот и сите градови во Македонија.
Да се обидам да ви ја пренесам таа посветеност и преку бројки. МВР во рамки на своите законски обврски и надлежности, постојано спроведува континуирани и засилени активности како од аспект на контрола во спроведувањето на сообраќајните правила и прописи, така и од аспект на превентивни и едукативни активности за сите учесници во сообраќајот.
Само во текот на изминатиот месец, јануари 2025 година и првата половина на февруари, на ниво на целата држава полициските службеници поднесоа над 25.000 прекршочни платни налози за констатирани сообраќајни прекршоци. Најголем дел од тие прекршоци биле поради управување возило со брзина над дозволената – над 7000 прекршоци, потоа околу 2780 возачи се санкционирани бидејќи управувале возило без поседување на возачка дозвола, над 1350 возачи не користеле сигурносен појас, над 760 возачи користеле мобилен телефон додека управувале моторно возило и други прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во истиот период, бидејќи фокусот на прашањето е на главниот град, само во Скопје за минатиот месец беа поднесени над 4000 прекршочни платни налози најголем дел односно над 1700 возачи управувале со брзина поголема од дозволената, над 500 лица управувале без да поседуваат возачка дозвола, , околу 400 лица не користеле сигурносен појас, над 240 возачи користеле мобилен телефон додека управувале возилото и други прекршоци. Воедно, во текот на јануари низ сите Сектори за внатрешни работи беа реализирани преку триесетина превентивно-едукативни кампањи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата а во насока на потсетување и информирање на учесниците во сообраќајот за стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи како неопходно поведение во интерес на личната и општа безбедност на учесниците во сообраќајот.
Сепак, а врз основа на соодветни сондажи и аналитички согледувања на надлежните стручни служби во Министерството и покрај овие факти се констатира дека безбедноста во сообраќајот не е на посакуваното ниво пред се заради занемарувањето на сообраќајните норми, односно несовесното поведение кај учесниците во сообраќајот, примарно кај возачите што директно води кон загрозување на безбедноста на патиштата.
Министерството за внатрешни работи веќе идентификуваше и започна со активности со цел надминување на таквата состојба, примарно преку релокација на човечките и материјалните ресурси со кои располага министерството а во насока на поголемо присуство на полициски службеници на терен и зголемување на интензитетот на контроли, како и динамизирање на превентивните кампањски образовно-воспитни активности.
Се разбира од суштинско значење ќе биде и завршувањето на активностите на кои што Министерството работи изминативе месеци – законските измени што треба да овозможат оперативно функционирање на проектот „Безбеден град“, особено во смисол на сообраќајниот видео надзор, што бездруго ќе се ефектуира во поголемо ниво на безбедност во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи. Поставувањето на камерите се очекува да биде завршено во текот на 2025 година, а системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената, непрописно паркирање и друго.
Секако мора да се напомене дека сообраќајот како исклучително важен општествен сегмент во себе обединува повеќеинституционален ангажман, а во тој контекст Министерството за внатрешни работи ќе продолжи императивно, во својот домен на надлежност, да презема и предлага мерки и активности во интерес на воспоставување на што повисоки безбедносни стандарди.