Општина Струмица и нејзиниот градоначалник Костадин Костадинов, изминативе денови се најдоа во фокусот на јавноста прво поради квалитетот на водата во струмичкиот водовод, а потоа и поради напуштањето на ЗЕЛС, поради распределбата на парите по општините од унгарскиот кредит.
За сите овие теми, но и за актуелни локални прашања, 24инфо.мк разговараше со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Градоначалник Костадинов, донесовте одлука Струмица да ја напушти ЗЕЛС, што доведе до тоа да направите таков потег?
Ова е демократски начин со кој, како прв човек на Струмица, сакам да реагирам на игнорантскиот однос на дел од надлежните институции, кој што сѐ уште придонесува Струмица да не може да пие вода од градскиот водовод.
Што точно тоа ќе значи за граѓаните на Струмица?
Како што веќе изјавив кога го најавив напуштањето на ЗЕЛС, членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините. За сѐ друго сме надвор од ЗЕЛС. И уште еднаш да појаснам ниту како прв човек на општина Струмица, односно како избран функционер, ниту како човек и жител на Струмица можам да преминам преку целосно индиферентниот однос на ЗЕЛС и во двата актуелни случаи – со водата и со општинските проекти кои Владата ќе ги финансира со Унгарскиот кредит. Треба ли уште повеќе да толерираме и да бидеме само восочни фигури во ЗЕЛС?
Како ги коментирате ставовите на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и министерот Златко Перински?
И колегата Орце Ѓорѓиевски и Министерот Златко Перински имаат легитимно право на став и мислење.
Струмица мина низ еден турбулентен период со водата за пиење…каква е сега ситуацијата на ова поле?
Според последните добиени резултати од акредитирана лабораторија, водата е во целост исправна за пиење. И јас, како што можевте да видите пред некој ден, ја пиев. А правно-формално ова е длабоко исполитизиран случај, од кој што цената до денес ја плаќаат сите Струмичани.
Настрана од политичките теми, колку вие лично сте задоволен од сработеното во овие три години мандат?
Работам согласно програмата со која ја добив довербата од Струмичанки и Струмичани и не само теоретски, туку и во пракса може да се види сработеното кое што го реализираме со мојот тим. За илустрација: Започната е работата на терен за реализација на новиот градски пазар и социјалната населба “Чамлк“; Воведовме 100% електричен јавен превоз и создадовме мрежа од над 13 км велосипедски патеки за зголемена мобилност и поддршка на екологијата; Ги отворивме вратите на Младинскиот Центар, отворивме Центар за дневен престој на лица со попреченост со вклучен индивидуален третман; Реконструиравме училишта, а во тек е изградба на ученички дом; Континуирано се врши изведба на различни инфраструктурни објекти – булевари, мостови, разни локални сообраќајници. Дополнително, прва општина сме со воведени ИСО стандарди, а дел сме и од “Мрежа на силни градови“ каде членуваат повеќе од 200 ЕУ Општини.
Секако, оценката за мојата работа на крај на денот ќе ја дадат граѓаните на општина Струмица.
Станавте прва општина во Македонија и регионот која има целосно еколошки јавен превоз, какви се првичните ефекти и реакции од граѓаните?
Електричните автобуси возат по утврдениот возен ред и секојдневно превезуваат патници. Интересот е на високо задоволително ниво, а јас лично очекувам дека свеста за урбана мобилност и користење јавен превоз кај Струмичани ќе расте и ќе се развива.