Утрински Весник
Македонија

Интервју со Горан Ајдински: Државата и стопанството треба да ја финансираат научноистражувачката дејност

Интервју со Горан Ајдински: Државата и стопанството треба да ја финансираат научноистражувачката дејност

Професоре Ајдински, Вие бевте во два мандата декан и раководевте со еден од најголемите и најкомплексни факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Филозофскиот факултет. Бевте член и на тогашната ректорска управа на Универзитетот, а во последните години во универзитетската и во пошироката јавност сте присутен како конструктивен критичар на работите што се случуваат во УКИМ и воопшто во високото образование. Со какви проблеми денес се соочуваат високото образование и УКИМ?

dobivaj vesti na viber

„Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ не постои самиот за себе, тој е дел од еден поширок систем и нормално е дел од проблемите во системот да се рефлектира врз работата на Универзитетот. Проблемите што постојат на нашиот Универзитет и нивното решавање многу зависат и од неговото менаџирање. Не би било реално да се каже дека тие одеднаш може да се решат, но ако точно не ги детектираме, тогаш и нивното решавање ќе биде полесно. Јас во минатото како декан, а и сега како редовен професор на Универзитетот, секогаш отворено сум дискутирал за проблемите, без разлика како тоа некој го перципирал. Но, коректно е секогаш кога ќе се постигне некој успех и позитивна работа, тоа да се пофали и да се поддржи, и спротивно, ако имаме некои слабости, за нив треба отворено да се дискутира. Практиката покажува дека нерешавањето на проблемите генерира нови проблеми, а тоа доведува до стагнација во сите области, без оглед дали зборуваме за образовниот процес, за научноистражувачката дејност, за стандардот на вработените и студентите и сл. Така што, прашањето за проблемите е покомплексно и бара поширока елаборација“.

Што конкретно може да се подобри во образовниот процес? Потребни ли се реформи и промени на законот што се актуализира кон крајот на минатата година?

„Се разбира, секогаш работите може да се подобрат, но, како што кажав, треба да се бара причината за да се дојде до решението. И сето тоа во еден отворен дијалог со сите заинтересирани страни (универзитет, студенти, држава, стопанство). Секогаш кога сакаме нешто да промениме, како по правило се посегнува по реформи, без подлабока анализа. А знаете колку реформи се направени во високото образование? И ние не го знаевме точно бројот на измени и дополнувања на претходниот закон. Сега имаме закон што се донесе во конструктивна атмосфера во 2018 година и, за жал, и за него се заговараат промени. Тоа не е воопшто добро. Не е добро, а тоа се повторуваше и во минатото, еден закон, кој сè уште не профункционирал со полн капацитет, да го менувате. Не велам дека е идеален затоа што ништо не е идеално и секогаш ќе има простор за подобрувања, но тоа да се прави по само неколку години, нема да донесе ништо позитивно. Министерството треба да остави подолг период универзитетите во својата работа да ги согледаат сите позитивни решенија и слабости со примена на овој закон, па потоа да се посегнува кон евентуални измени. И на крајот, зошто би го менувале повторно законот кога некои органи и тела предвидени со законот или се формирале, но сè уште не функционираат како што треба или, пак, воопшто не се формирани (земете ги, на пример, советите на универзитетите). Носењето на реформите на хартија сами за себе не се како да не сте ги донеле, туку прават повеќе штета отколку воопшто да не се донесени. Како пример за такви реформи, да се навратиме наназад и да ја споменеме толку цитираната ‘Болоња’. Да ве потсетам дека Република Македонија стана членка на Болоњскиот процес во 2003 година, а УКИМ почна со одредени интервенции во наставните планови и пред тоа. Од тогаш до денес Законот за високото образование се менуваше и се дополнуваше многупати, но со ниту еден акт до сега, никој не се позанимава со тоа како оваа крупна реформа и тогаш и сега се финансира? И дали воопшто се финансира? Имплементацијата на болоњските стандарди, која не е воопшто едноставна реформа, бара и соодветна финансиска поткрепа. Не можеме, од една страна, да очекуваме имплементација на високи европски стандарди, а од друга, да се соочуваме со постојана рестрикција во финансирањето и во делот за образование, но и во делот за наука, а за стимулација на професорите воопшто и да не зборуваме. Оттука, сметам дека новиот закон треба првин да профункционира, Советот за финансирање на високото образование да изготви модел за финансирање, па потоа да ги цениме неговите предности и недостатоци и да зборуваме за реформи“.

Кога го споменуваме финансирањето, како сега се финансираат универзитетите?

Финансирањето на дејноста на универзитетите не е променето дваесеттина години и тоа е според законот и годишните програми за реализацијата на Програмата за високообразована дејност, која се врши од буџетот на Република Македонија. Меѓутоа, универзитетите се соочуваат со ограничени финансиски средства од буџетот за реализирање на наставниот процес. Навистина е тешко да се објаснат критериумите на ваквото оскудно финансирање. Не знам зошто не учиме од земјите што тоа го решиле и го прават подобро од нас. Земете ја, на пример, Европската Унија, па и другите западни земји. Таму на универзитетите им се овозможува да ги дефинираат своите развојни цели, својот развој и своите вложувања. Универзитетите потпишуваат договори со државата, со дефинирани компоненти (основна, развојна и варијабилна компонента) и точно се знае кој што треба да прави и какви обврски има. Иако во суштина финансирањето на високото образование е прашање на државна политика, сепак тоа треба да биде во корелација со одредени определби на државата, а тоа е дека ќе образоваме и развиваме високостручни кадри употребливи не само за нашата држава туку и за европскиот и светскиот пазар на трудот. Затоа, финансирањето треба да има јасни и објективни критериуми. Не е битно кој модел ќе се избере (lump-sum, per capita или сл.), но крајно време е да тргнеме од основниот принцип – дека високото образование не е потрошувачка дејност и да се пријде кон решавање на ова прашање.

На крајот, да се навратиме на науката. Каква е состојбата во научноистражувачката дејност?

Ако кажам дека научноистражувачката дејност не се финансира доволно, нема да кажам ништо ново. Финансирањето на науката е проблем што се провлекува со децении. Професорите на Универзитетот објавуваат трудови со високи импакт-фактори и во еминентни интернационални публикации. Но, за сето тоа да го направат, изворите за финансирање мора да ги бараат самите, или да се вклучат во некои истражувачки тимови со колеги надвор од земјата или, пак, да добијат некој проект од европските фондови. Професорите треба да ја насочат својата креативна и творечка енергија во истражувањето, а не во тоа како да најдат средства за истражувањето.

Проблемот, всушност, е двоен. Прво, за жал, на науката 1 недостига постојано финансирање. И, второ, без оглед на тоа дали финансирањето ќе биде  институционално или програмско, тоа треба да биде континуирано. Притоа треба да ги имаме предвид сите модели на финансирање на науката. Вреди да се размислува и за посебен национален истражувачки фонд, во кој би партиципирала државата, но и стопанството. Вакви фондови за финансирање на научноистражувачката дејност постојат во многу држави, при што интересен е податокот дека колку државата е поразвиена толку финансискиот удел на стопанството во овие фондови е поголем. Во секој случај, независно од тоа како ќе се решава финансирањето на научноистражувачката дејност, тоа треба да се прави веднаш доколку сакаме да бидеме компетититвни со нашата наука во пошироки рамки, да ја развиваме за потребите на индустријата и стопанството, а со тоа и науката да придонесе за развој на економијата на нашата држава.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа