Утрински Весник
Македонија

Интервју со Димитријевиќ: ⁠СДСМ повторно ќе биде победничка партија

Dimitrijevic.jpg

Во интервју за 24инфо.мк, генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ зборува за повеќе актуелни теми, за состојбите во државата, во делот на економијата, судството, администрацијата, најавувајќи идни активности на партијата, што според него треба да значат и враќање на СДСМ на победничките патеки.

24инфо: Неодамна ја презедовте функцијата генерален секретар на СДСМ. Како ја оценувате досегашната работа и со какви предизвици се соочивте?


Како човек кој од млади години е дел од СДСМ и кој се градел низ сите партиски структури, чувствував голема чест кога бев назначен за нов генерален секретар на партијата. Но покрај честа, тука е одговорноста да се биде дел од раководството на партијата.

За оценката, за овој краток период, би оставил да зборуваат моите партиски другари и другарки, но она што јас можам да го кажам е дека изминатиов месец сум максимално посветен на процесите за консолидирање на партијата.

Тоа подразбира многу теренски активности, средби, разговори со членови, симпатизери но и пријатели на партијата во процесот на подготовка на активностите кои следуваат и кои СДСМ треба да ја вратат на победничките патеки.

Она што на почетокот беше сериозен предизвик е разочараноста, резигнираноста на одреден дел на членови од последните изборни резултати.

Сепак, мило ми е што можам да кажам дека оптимизмот од ден на ден се враќа меѓу членовите и симпатизерите, што општинските штабови повторно се полнат со членови но и со луѓе кои во мај поради некои причини не гласале за СДСМ. Убеден сум дека од оваа точка, СДСМ може да оди само нагоре и дека во наредниот период тоа ќе биде видливо. СДСМ ќе се врати и повторно ќе биде победничка партија.

24инфо:До каде се внатрепартиските процеси, особено во делот на комплетирање на локалните раководства?

Најголем дел од Општинските организации веќе добија свои претседатели. Во деновите пред нас ќе се комплетираат и останатите. Заедно со Социјалдемократската Младина го завршуваме и процесот на избор на раководства во Локалните клубови. Секако претстои уште работа во формирање и комплетирање на партиските комисии, на Форумот на жени, форумот на пензионери. Со што партијата целосно комплетирана ќе започне со креирање на новата платформа за дејствување.

СДСМ е голема партија и демократска партија која многу пати покажала дека е инклузивна и отворена за прогресивните групи и поединци. Така е и овој пат. Се гради тим од истакнати, докажани професионалци во своите области луѓе почитувани во средините во којшто живеат и луѓе кои ќе донесат нови политики и мерки за подобар живот на сите граѓани.

24инфо:Претседателот на партијата Венко Филипче најави засилена теренска активност по празниците, можете ли да ни кажете што граѓаните можат да очекуваат?

СДСМ е партија блиска до народот, до граѓаните. По празниците започнуваме масовна теренска кампања низ целата држава. Народот, по овие шест месеци владеење на ВМРО-ДПМНЕ со право е лут и разочаран, затоа што ниту една предизборно ветување на владејачката партија денес не е остварено.

Нашата цел е заедно со граѓаните, прво да ги мапираме, а потоа да понудиме издржани решенија за сите проблеми кои од ден на ден се напластуваат. СДСМ има институционална меморија, има капацитети да креира Програма со конкретни, остварливи мерки и политики што носат придобивки за граѓаните.

Затоа, многу наскоро од денес ќе тропнеме на сечија врата, ќе го слушнеме секој глас, на секоја критика и забелешка соодветно ќе реагираме и пред јавноста ќе излеземе со конкретни предлози што ќе значат унапредување на животниот стандард.

24инфо:Изминаа шест месеци од мандатот на Владата, како ја оценувате нејзината работа?

Ние секојдневно преку комуникациските канали укажуваме дека оваа влада на Христијан Мицкоски е убедливо најлошата влада во историјата на независна Македонија.

И тоа не го зборуваме напразно или само поради чисто критикување, тоа се потврдува со мноштво факти.

Еве да тргнеме од економијата. Во овие шест месеци просечната плата стагнира, не расте како што растеше претходно. Минималната плата не се зголеми и прашање е дали воопшто ќе се зголеми. На вработените во образованието, во здравството платите им се зголемија само половично од она што беше договорено. Цените растат иако нема криза а инфлацијата повторно е во нагорна линија. Наводните мерки и таканаречените кошнички не само што не дадоа ефект, туку дополнително го отежнаа животот на обичниот граѓанин. Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните.

Наместо економија и мерки, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги партизираат институциите. Гледаме масовна партизација на безбедносните структури, гледаме како без срам и перде се брани незаконското поставување на Бојан Христовски за шеф на АНБ.

Понатаму, сведоци сме на најавено бескрупулозно мешање во судството преку расрешување членови на Судски совет, гледаме како Артан Груби иако на потерница, без проблем минува државни граници.

Сето ова не се паушални критики на СДСМ или мои лични, тоа за жал е грдата реалност во која денес живее Македонија.

Денес ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не зборуваат за ЕУ, освен ако не треба да се заблагодарат за некаков грант. По само шест месеци, станува сосем јасно дека Мицкоски сака повторно да воспостави режим во Македонија, државата да ја оддалечи од ЕУ и таа повторно да биде заробена како што беше во периодот до 2016 година.

24инфо:Сведоци сме дека животниот стандард на мнозинството граѓани е во лоша состојба, што вие како опозиција во Собранието ќе преземете за тој да се унапреди?

Ние како партија предложивме сет на мерки со кои граѓаните полесно ќе се справат со ценовните шокови, но за жал тоа од власта беше веднаш одбиено.

Ние предложивме и уште стоиме зад тоа дека треба да се укине ДДВ за храната односно од 5 да биде нула проценти со што реално и вистински ќе се намалат цените на повеќе од 250 категории на производи, а домаќинствата ќе можат да заштедат и до 2.000 денари месечно. Тоа се 24.000 денари годишно.

Понатаму, уште во октомври предложивме конкретен закон со кој минималната плата требаше да се покачи на 450 евра, односно таа да изнесува над 27.000 денари, но имајќи го предвид актуелниот економски контекст, таа од идната година треба да биде најмалку 500 евра.

Со одбивањето на предлозите, власта само покажа дека не е на страна на граѓаните, туку е на страната на бизнисот.

Без разлика на ваквиот однос на владејачкото мнозинство, ние ќе продолжиме со предлагање на конкретни мерки што се во интерес на граѓаните.

24инфо:Годината што доаѓа ќе биде изборна година во која ќе се гласа на локални избори. Дали СДСМ веќе ги има конципирано контурите на идеален кандидат за градоначалник?

По целосното консолидирање, партијата секако дека ќе се насочи кон прелиминарен избор на кандидати за градоначалници но и за советници на листите.

Иако во моментов имаме далеку помалку градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, нашите градоначалници покажуваат како се работи домаќински и посветено за развој на општините и покрај опструкциите што им ги прави централната власт во последните месеци.

Од другата страна, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со многу ретки исклучоци, гледаме целосна неспособност и незаинтересираност.

Несомнено е дека СДСМ на следните локални избори ќе излезе со квалитетна понуда на докажани кадри како за кандидати за градоначалници, така и за кандидати за советници во Советите.

24инфо:За крај, ваша порака до граѓаните во пресрет на новата година

На граѓаните им посакувам пред се многу здравје, среќа, спокојни и хармонични празници и мир во секојдневниот живот. Истовремено, апелирам да останат будни и да ја следат работата на институциите, да ја чуваат и негуваат демократијата и заедно да реагираме на секоја злоупотреба, на секоја неправда.

Можете да прочитате

Магла на патните правци Струмица-ГП Ново Село и Неготино-Демир Капија

На првиот ден од Новата година сончево со температура до 15 степени

Првото бебе во 2025 година се роди минута по полноќ во Скопје!