Утрински Весник
Скопје

Инспекторите на Град Скопје фатија лице како исфрла отпад, правел дива депонија, а потоа и ја запалил

Gorideponija1.jpg

Инспекторите за животна средина на Град Скопје пред еден час затекнаа и евидентираа во тек на исфрлање големи количини отпад, правење дива депонија и нејзино палење на територијата на општина Карпош кон Визбегово.

Град Скопје за извршено кривично дело од страна на лицeто З.М жител на општина Бутел, согласно членот 218 на Кривичниот законик, ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години.

На територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат. Но, се досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители.

Град Скопје годинава поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад како случајот во општина Бутел каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани. Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите.

Можете да прочитате

И тоа го има: Преку ноќ му го урнале објектот за да градат зграда

ЈП Лајка: Граѓаните да не оставаат мали кучиња пред нашиот објект

Утре делови од една скопска општина без вода