Утрински Весник
Македонија

ИНРМ: ЕВН без транспарентен одговор за сомнежот во точноста за формирањето на цените на струјата 

Smetka Evn 93 427173.jpg

Соопштение на ИНЖЕНЕРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА:

Согласно Тарифниот систем за продажба на електрична енергија од 17 ноември 2023 година, ЕВН Хоме, како универзален снабдувач, има обврска да изготвува предлог-одлуки и конечни одлуки за продажните цени на електричната енергија за домаќинствата.


Во рамките на оваа надлежност, ЕВН донесе две одлуки: првата на 27 јуни 2024 година, а втората на 20 декември 2024 година, со која се утврдени цените на струјата за 2024 и 2025 година. Анализирајќи ги објавените податоци, особено оние што се однесуваат на малите потрошувачи, забележавме сериозни несогласувања и неточности што не можевме да ги игнорираме. Се посомневавме во точноста на цените за евтината тарифа и четирите блока на скапата струја, кои директно ги засегаат домаќинствата и малите потрошувачи.

Со цел да добиеме јасна и детална слика за начинот на кој се формираат цените, на 21 мај 2025 година поднесовме официјално барање до ЕВН Хоме. Побаравме целосна документација врз основа на која се донесени цените, согласно Тарифниот систем. Дополнително, побаравме и линкови до предлог-одлуките, кои, според прописите, ЕВН е должна да ги објави за да овозможи јавна расправа и прибирање мислења пред донесување на конечна одлука. Според Тарифниот систем, рокот за поднесување мислења од јавноста изнесува пет дена.

Особено нè интересираше како е добиена пресметковната цена од 15,1845 денари за kWh за категоријата мали потрошувачи. Таа цена, според ЕВН, произлегува од просечната утврдена цена од 4,6244 денари и коефициент од 0,8296. Меѓутоа, производот на овие вредности математички не кореспондира со дадената тарифа. Затоа побаравме и објаснување за методологијата и формулите користени при пресметките на четирите високи и ниската тарифа во оваа категорија.

Наместо конкретен, транспарентен и сеопфатен одговор, добивме формален допис со кој сме упатени кон Регулаторната комисија за енергетика. Не добивме ниту еден документ, прилог или линк, ниту, пак, одговори на суштинските прашања за формулите и методологијата. Со тоа, ЕВН Хоме не го исполни минимумот на очекувана отчетност и транспарентност.

Ваквиот одговор на ЕВН е приказ на  недостапноста и неразбирливоста на податоците што ја одредуваат цената на струјата. Тарифите не се само техничка пресметка туку тие директно влијаат врз семејните буџети на граѓаните. Оттаму, јавниот интерес за транспарентност и отчетност мора да биде на прво место

Ние ќе продолжиме да инсистираме изготвувањето на одлуката за цените на електричната енергија за домаќинствата повторно да се врати под надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. Сметаме дека оваа обврска не смее да ѝ биде доверена на Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоме – кој, за разлика од РКЕ, има директен комерцијален интерес цената на струјата да биде што е можно повисока.

Дополнително, потсетуваме дека РКЕ е независна регулаторна институција која до 2023 година самостојно ја утврдуваше цената за електрична енергија за домаќинствата. До ден-денес не е дадена ниту една валидна аргументација зошто ова клучно право ѝ е одземено и префрлено кај субјект кој е директно финансиски заинтересиран.

Можете да прочитате

МВР го расчистува хаосот, Министерските „шкоди“ веќе не се над законот?

„Вреди“ за кандидатурата на Алиу: На здравството му е неопходна дигитализација, предизвикот може да се заврши само со него

Ганиу: Арсовска прави шоу – дивоградби има насекаде, а не само во Чаир