Кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на средбата со поранешниот американски дипломат Хенри Кисинџер во Пекинг, му рекол дека старите пријатели како него никогаш нема да бидат заборавени.
Џјинпинг му рече на стогодишниот поранешен американски дипломат дека Кина и САД се повторно на крстопат и дека двете страни треба да направат избор.
Кисинџер одигра клучна дипломатска улога во нормализирањето на врските меѓу Вашингтон и Пекинг во 1970-тите, кога служеше како државен секретар и советник за национална безбедност во администрациите на претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд.
„Кинескиот народ никогаш не ги заборава своите стари пријатели и односите меѓу Кина и САД секогаш ќе се поврзуваат со името на Хенри Кисинџер“, рече Џјинпинг.
Кисинџер, кој е многу почитуван во Кина и редовно ја посетува оваа земја откако ја напушти функцијата, рече дека односот меѓу двете земји е прашање на светскиот мир и напредокот на човечкото општество, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
Неговата посета на Кина доаѓа во време кога двете велесили се обидуваат да спречат дополнително заладување на нивните односи, кои и онака се на најниско ниво.
„Кина е подготвена да работи со американската страна за да го најде вистинскиот начин двете земји да постигнат договор и да го промовираат стабилниот напредок на кинеско-американските односи“, рече Шји.
Вашингтон претходно соопшти дека бил информиран за патувањето на Кисинџер во Кина оваа недела, но наведе дека Кисинџер не дејствувал во име на американската влада.