
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со амбасадорот на Република Казахстан во нашата земја Сатибалди Буршаков со кого разговараше за соработката меѓу обвинителствата на двете држави и можностите за нејзино унапредување.

Како следен чекор, на предлог на казахстанското Генерално обвинителство, се разгледува можноста за потпишување меморандум за соработка во областа на лоцирање, замрзнување и поврат на незаконски стекнат имот.
Со документот се предвидуваат повеќе активности на размена на искуства, обуки и практична соработка меѓу соодветните надлежни органи кои работат на поврат на незаконски стекнат имот.
Во таа смисла, амбасадорот на Казахстан Буршаков го запозна државниот јавен обвинител Коцевски со резултатите од работата на казахстанскиот Комитет за поврат на имот преку кој Казахстан до овој момент успеал да врати незаконски стекнат имот од околу 1,3 милијарди американски долари во готови пари, како и друг имот во вредност од 237 милиони американски долари. Согласно законските одредби во таа земја, голем дел од средствата вратени во државниот буџет на овој начин, Казахстан ги користи за специјален државен фонд преку кој се финансираат социјални и општествени проекти, како што е изградба на училишта, градинки, здравствени установи, спортски комплекси и слично.
Јавниот обвинител Коцевски оцени дека искуството на Казахстан во оваа област може да е корисно и за нашата држава и најави дека Јавното обвинителство на РСМ ќе ја разгледа иницијативата за потпишување меморандум за соработка.