Утрински Весник
Економија

ИНДУСТРИЈА СО 452,6 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОДИ: Кој ја држи тутунската каса на Македонија?

Proizvodstvo na tutun.jpg
Dik 300x250 mk

Тутунот е дел од македонска историја ‒ мирис на сушен тутун, листови пожолтени од сонцето и долга традиција што се прераскажува како жолто злато. Македонија била центар на тутунската индустрија на Балканот и главен производствен центар за тутун, цигари и научни сознанија за тутунот. Денес, трговијата на големо со производи од тутун е меѓу најдинамичните сегменти на домашната економија: високи приходи, тесни маржи и силна концентрација кај неколку играчи што го диктираат темпото на пазарот.

Анализата на Бизнис Мрежа покажува дека најголемите десет компании во категоријата трговија на големо со производи од тутун имале силна 2024 година: заеднички приход од околу 452,6 милиони евра, вкупна добивка од околу 18 милиони евра, а сето тоа изведено со 965 вработени. Топ-тројката по приходи држи речиси 69 насто од целиот колач, што говори за висока концентрација и јасно лидерство на врвот.


Кој ја води трката по приход?

Секоја дејност има предводник, а во трговија на големо со производи од тутун тоа е Експанда Скопје со 151,9 милиони евра приход, дури 54,8 милиони евра пред второпласираниот. Експанда во 2014 година склучи договор за заеднички вложувања со Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп. Покрај дистрибуција на цигари, компанијата е партнер на телекомуникацискиот оператор А1, има договори со Red Bull и со Државната лотарија, а од 2022 година соработува и со Oleum, производител на маслиново масло.

Второпласиран е Пекабеско со промет од 97,1 милион евра, а освен квалитетните сувомесни производи, успешно работи и со дистрибуција и продажба на цигари. Разликата меѓу второто и третото место исто така е значајна: Пекабеско е 33,8 милиони евра пред Филип Морис ТК Прилеп – ДОО Скопје, кој остварил промет од 63,3 милиони евра. Зад нив следи компактен пакет: ТДР Скопје ‒ 54,9 милиони евра, ПРИМА.МК ‒ 46,8 милиони евра и Сокотаб – Битола ‒ 37,1 милион евра, со разлика од 8 до 10 милиони евра еден од друг, доволно блиску за да има вистинска трка за позициите.

Понатаму износите се намалуваат, а најнискиот обезбеден прилив од трговијата на големо со производи од тутун е во износ од 148,2 илјади евра.

Вкупно, 69 насто од заедничкиот приход го оставариле првите три компании, што јасно покажува висока концентрација на пазарот.

Десет компании – вкупно 18 милиони профит

На врвот по профит е Филип Морис ТК Прилеп – ДОО Скопје со 12,3 милиони евра, односно 9,5 милиони евра пред второпласираниот Пекабеско, чиј остварен профит од ланското работење е 2,8 милиони евра. Трет е Сокотаб – Битола со 1,7 милиони евра. Само овие три компании имаат годишен ќар што се мери во милиони евра, а добивките на останатите седум компании се бројат во илјади.

Иако Експанда води по приход, по добивка е четврта со 941,4 илјади евра. ТДР Скопје се наоѓа на петтото место со добивка од 222,9 илјади евра.

Втората половина од табелата ја пополнуваат компании со профит од 2,2 илјади евра па сè до 23,7 илјади евра.

Над 900 вработени во компаниите

Индустријата ја движат луѓето, и тоа се гледа по концентрацијата на кадарот кај врвот. Во топ десетте компании работат вкупно 965 лица, а само три компании апсорбираат над 85 насто од тимовите: Пекабеско со 409 вработени, Сокотаб – Битола со 224 и Експанда со 189 вработени лица. Тоа е јасен потпис на бизнис во кој логистиката, складиштата и теренската продажба се мускулите што носат обем.

Следат ПРИМА.МК со 76 вработени и Филип Морис ТК Прилеп – ДОО Скопје со 43, додека ТДР Скопје функционира со 13 работници. Преостанатите компании работат со микротимови, од двајца до четворица.

Резултатот е пазар каде што работната сила не е само трошок, туку и конкурентска предност.

За земја со традиција во жолтото злато, трансформацијата не значи да се бега од реалноста, туку да се управува со неа, со повеќе транспарентност, подобар микс и стабилна вредност за сите во синџирот. Надвор од бројките, тоа е најздравиот капитал што индустријата може да го создаде.

Извор: Бизнислидер

Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

Можете да прочитате

Минималната синдикална кошничка над 65.000 денари

Фриленсерите не чекаат можности, туку ги создваат

ЕУ ја одобри втората транша средства во рамките на Инструментот за реформи и раст