
Индиските власти им наредија на локалните авиокомпании да извршат проверки на прекинувачите за гориво на неколку модели на авиони „Боинг“.
И Јужна Кореја презеде слична мерка како дел од засилената контрола врз механизмите за заклучување на прекинувачите, во рамки на истрагата за катастрофата на „Ер Индија“ во која загинаа 260 лица.
Мерките се воведени и покрај уверувањата од производителот „Боинг“ и Американската агенција за цивилно воздухопловство (FAA) дека прекинувачите за гориво се безбедни.
Според прелиминарниот извештај за несреќата, двата прекинувачи за гориво речиси истовремено биле префрлени во позиција „исклучено“ набргу по полетувањето. На снимките од пилотската кабина се слуша како едниот пилот го прашува другиот зошто го исклучил горивото, на што вториот одговара дека не го сторил тоа. Извештајот потсетува на препораката од FAA од 2018 година, која ги советува, но не ги обврзува авиокомпаниите што користат одредени модели на „Боинг“, вклучително и 787, да ги проверат механизмите на прекинувачите за гориво за да се спречи случајно исклучување.
Генералната дирекција за цивилна авијација на Индија соопшти дека издала наредба за проверки на прекинувачите за гориво на моделите „Боинг“ 787 и 737, откако индиски и меѓународни превозници започнаа со инспекции.
Австралиската авиокомпанија „Квантас“ и јапонската „Еј Ен Еј“ изјавија дека ги следат препораките на FAA уште од 2018 година.
Сингапурските авиолинии, пак, спроведоа нови или дополнителни проверки по објавувањето на извештајот и потврдија дека сите прекинувачи за гориво на нивните авиони „Боинг“ 787, вклучително и на нискобуџетната подружница „Скут“, функционираат нормално.