Утрински Весник
Македонија

Инцидентот со Аца Лукас стана политичка тема: Сопственик на српска ТВ го нападна Мицкоски, го вмеша и македонското знаме

Text max 1199 1181.jpg

Директорот на српската „Хајп ТВ“, Саша Мирковиќ, жестоко го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека стои зад приведувањето на српскиот фолк-пејач Аца Лукас во Кавадарци.

Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека Лукас настапувал без соодветна дозвола, додека Мирковиќ спинувајќи го случувањето, вели дека наводната причина била – македонското знаме кое пејачот го носел на сцената.

Инцидентот се случил доцна синоќа, кога полицијата го прекинала настапот на Лукас и го привела во станица. МВР официјално информираше дека организаторите не обезбедиле законски услови за настап и дека пејачот изведувал платен концерт без дозвола.

Но Мирковиќ на ТикТок излезе со сосема поинаква верзија.

„Лукас го привеле и му го прекинале настапот по наредба на премиерот Христијан Мицкоски, затоа што носел македонска, а не бугарска застава. Какво лудило е ова? Дали тој човек е Македонец или Бугарин? Пуштете го човекот да си оди дома,“ изјави тој.

Мирковиќ тврди дека настапот бил „насилно прекинат“, а публиката, која купила влезници, останала без концерт.

„Изигравате шерифи по Кавадарци. Зошто? Дали Мицкоски е нормален? Има ли некои пикопаценци околу него? Ништо не ми е јасно,“ продолжи Мирковиќ во својата видео-објава.

Тој најави и прес-конференција на која, како што рече, ќе ги „разоткрие врските на луѓето од владата“.

„Како што Мило се држеше до ’црната вдовица’, така и ти. И како што помина Мило на следните избори, така ќе поминеш и ти,“ му порача Мирковиќ на Мицкоски.

На крај, му испрати поддршка на Аца Лукас:

„Издржи, Ацо. Народот е со тебе. Те сака твојот брат.“

Од Владата засега нема официјален одговор на обвинувањата, а МВР останува на првичната информација дека станувало збор за настап без дозвола.

Извор: Скопје1

Можете да прочитате

Градежните инспектори не биле надлежни за противпожарна, техничка и функционална безбедност во „Пулс“

Скопјанец тешко повреден во судир со возило со српски ознаки во Скопје

Потпретседателот и министер Стоилковиќ на отворањето на саемот „Винска визија – Отворен Балкан”