
Навреди и закани помеѓу Драган Павловиќ-Латас и струмичкиот градоначалник од СДСМ, Костадин Костадинов откако новинарот во јавно излагање на поткаст рече дека Костадинов е толку богат што татко му ги искоцкал куќата и целиот имот, а Костадинов за пет години го вратил тоа заработувајќи куќа, автомобили, мотори.
По ова Костадинов се огласи со своја објава на Фејсбук и напиша:
“Кога ВМРО-ДПМНЕ одлучува да го стави во одбрана новинарот Драган Павловиќ Латас, треба прво да се погледне во огледало и да се праша: кого точно штити и на чив грб го прави тоа?
Истиот Латас, кој во својот поткаст ја нарече Струмица „бугарски град“.
Истиот Латас за кој постојат долго време јавни сомнежи, не само за злоба, туку и за сериозни обиди за сексуално насилство.
Истиот Латас кој денеска е гласноговорник на една партија, но и нејзин срам.
Во мојата објава немаше ниту збор за насилство, ниту повик за убиство. Тоа можел да го види само човек што во себе го носи тој мрачен нагон. Јас пишував за одбрана на честа, за семејството, за вистината. И ќе го правам тоа секогаш – гласно, исправено и достоинствено.
Моите зборови не беа упатени кон новинарот Латас, туку кон “човекот” Д.П. Латас!
Предлагам ВМРО-ДПМНЕ сериозно да се преиспита и да најде начин како ќе им објасни на граѓаните на Струмица, на цела Македонија – зошто стои зад човек што вели дека нашиот град е бугарски?
Како ќе го објаснат овој пад, пред своите гласачи, пред своите деца, пред историјата?
Ова не е само политички пораз – ова е етички срам.
Струмица нема да падне под туѓ јазик, туѓ симбол или туѓа етикета.
Нема откажување.
Ќе ја браниме и одбраниме честа на градот, како што нашите предци ја бранеа татковината.
А народот гледа. И не заборава”.
Следната објава Костадинов ја посвети на својот татко кој е веќе починат, а во која напиша дека од таткото научил дека името на фамилијата не смее да се чепне во ниту еден случај.
“Заради него постојам. Заради него никогаш нема да се предадам.
Ме научи да стојам исправено, достоинствено – без страв, пред секој предизвик.
Од него го научив најважното: името на фамилијата не смее да се чепне, ниту да се осквернави.
Сѐ што сум – сум благодарение на него.
И кога не е тука, го чувствувам до мене. Во чекорот, во гласот, во одлуките.
Ќе се борам, тато… до крај. За тебе. За семејството. За честа”.