Шпанскиот фудбалер Алваро Мората откри дека бил многу блиску до преселба во Барселона за време на јануарскиот преоден рок. Трансферот го блокирал тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.
29-годишниот напаѓач помина две години во клубот од Торино како позајмен играч од Атлетико Мадрид и во тој период беше еден од клучните играчи во офанзивниот дел на тимот.
Мората во изјава за шпанските медиуми се осврна на неговиот потенцијален трансфер во Барселона.
„Точно е, Барселона беше заинтересирана. Чави ми се јави, разговаравме за фудбалот и за се. Беше задоволство, ценев што поранешен играч како Чави смета на мене. Се чувствував добро поради тоа.“
„Имав четири-пет понуди, но Алегри ги блокираше сите. Беше јасен, рече дека сака да останам и дека сака да играм со Душан Влаховиќ. Не беше лесно да се игра на левата страна, но успеав да го направам тоа“, изјави Мората.
Минатата сезона Шпанецот одигра 48 натпревари во сите натпреварувања за Јувентус и постигна 12 гола со девет асистенции. Тој летово се врати во Атлетико Мадрид откако двата клуба не успеаја да ја договорат ценатта на трансферот.
Мората оваа сезона пружа одлични партии во дресот на Атлетико. Досега на шесте одиграни натпревари во Ла Лига три пати ја затресе противничката мрежа.