
Американскиот милијардер Илон Маск го најави лансирањето на својот најнов модел со вештачка интелигенција, „Grok 3“, на својата социјална мрежа „Х“, тврдејќи дека тоа е „најпаметната вештачка интелигенција во светот“. Демо верзијата на новиот модел ќе биде претставена во вторник во 5:00 часот по средноевропско време.
Маск, за време на видео-конференција на самитот во Дубаи, изјави дека „Grok 3“ ќе ги надмине сите досега објавени конкурентни алатки за вештачка интелигенција, пренесува „Bloomberg“. Според него, новиот модел е обучен на синтетички податоци и има способност критички да размислува за сопствените грешки, анализирајќи ги податоците со цел да постигне поголема логична конзистентност.
Пред неколку месеци, Маск бесплатно го стави на располагање својот модел „Grok 2“, кој може да генерира текст и слики врз основа на едноставни барања. Неговата компанија „xAI“, која се занимава со развој на вештачка интелигенција, моментално се проценува на околу 50 милијарди долари, објави „CNBC“.
Лансирањето на „Grok 3“ доаѓа во период кога многу земји и компании брзаат да развијат напредни чет-ботови кои ќе бидат поефикасни и поевтини. Кинескиот стартап „DeepSeek“ неодамна ги потресе пазарите со својот модел на вештачка интелигенција, кој според параметрите е споредлив со производите на „OpenAI“, но е создаден со значително пониска цена.