Утрински Весник
Свет

Илјадници раселени Палестинци од Газа тргнаа да се вратат во своите домови

20250119130304 Big 730x400 98.webp.webp

Илјадници Палестинци раселени поради војната денеска се вратија во своите домови во Појасот Газа, откако стапи на сила примирјето меѓу Израел и Хамас, пренесе Бета.

Илјадници луѓе пристигнаа во Џабалија од градот Газа на северната палестинска територија.


Други движења на населението беа забележани во секторите Рафа и Кан Јунис на југ, според очевидци.

Долгоочекуваниот прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа официјално стапи во сила денеска претпладне, јавуваат агенциите. Ова го соопштија од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и од Катар, клучен посредник во преговорите. 

Катар, заедно со САД и Египет, ќе го следат спроведувањето на договорот. Почетокот на прекинот на огнот беше одложен за три часа поради доцнењето на Хамас да ги обезбеди имињата на трите заложнички кои денеска ќе бидат ослободени како дел од договорот за прекин на огнот.

Дури и пред да стапи на сила примирјето, илјадници раселени Палестинци со своите работи тргнаа на своето патување назад кон своите домови во северниот и јужниот дел на разурнатиот Појас Газа, покажуваат снимките.

Во Џабалија, на крајниот север на Газа, каде што од октомври се спроведуваат интензивни израелски воени операции, жителите откриваат апокалиптичен пејзаж од урнатини.

Според американскиот претседател во заминување Џо Бајден, првата фаза од договорот вклучува повлекување на Израел од густо населените области на Газа и зголемување на хуманитарната помош на териториите каде што се заканува глад.

Војната во Газа започна со упад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 заложник беа земени. Од тој број, 94 се уште се во Газа, а израелската војска верува дека 34 се мртви.

Најмалку 46.899 луѓе се убиени во израелската контраофанзива, според податоците на Министерството за здравство на Хамас, кои ОН ги сметаат за сигурни.

Хамас, кој ја презеде власта во Газа во 2007 година, е значително ослабен, но се уште е далеку од уништен, спротивно на целта што ја постави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, сметаат експертите. 

Можете да прочитате

Хамас ги ослободи првите заложници

Смотрич се закани дека ќе ја собори владата доколку Израел не ја окупира Газа

Илон Маск и неговите „обиди за мешање“ во европската политика