Приближно илјада луѓе се собраа во саботата вечерта на улиците и плажите на Куопио, Финска, за да позираат голи за уметничкиот проект на американскиот фотограф Спенсер Таник.
„Денес, земјата на илјада езера, Финска, се трансформира во земја на илјада актови“, изјави реномираниот фотограф.
Таник, кој е добро познат по своите импресивни снимки со голи маси луѓе, изрази благодарност до ентузијастите волонтери додека ги насочуваше преку звучник.
Учесниците прво позираа на улица, со цветни инсталации, а потоа на плажа и во вода.
„Сакав да го доведам телото во хармонија со Куопио и езерата во северна Финска,“ објасни уметникот, изразувајќи ја својата длабока благодарност до волонтерите кои беа подготвени да се соблечат среде ноќ.
„Тоа е нешто многу ретко, да ѝ се даде можност на публиката да учествува во креативниот процес“, рече уметникот.
Во ноември, околу 2.500 голи луѓе се собраа на позната плажа во Сиднеј, Австралија, како дел од инсталацијата на истиот уметник за да се подигне свеста за ракот на кожата.
Тој настан наречен Strip Off for Skin Cancer беше организиран во соработка со здружение кое ги охрабрува Австралијците да прават редовни дерматолошки прегледи.
Спенсер Таник е познат по слични проекти со масовното соблекувањ на многу познати локации низ светот.
Тој соблече повеќе од 5.000 луѓе пред операта во Сиднеј во 2010 година, а 18.000 луѓе – негов рекорд – на плоштадот Зокало во Сиудад де Мексико во 2007 година.