
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Продолжувањето на Законот за легализација на дивоградби сè повеќе наликува на „игри без граници“ во кои правилата формално постојат, но суштински постојано се поместуваат. Од осамостојувањето до денес, ова прашање постојано се отвора, изменува, продолжува и повторно се враќа во процедура. Законот што требаше да биде еднократна корективна мерка со јасна временска рамка, постепено се претвори во цикличен инструмент. Наместо затворање на историски проблем, добивме повторувачки процес што создава впечаток дека системот не успева да воспостави траен ред. Оттука се наметнуваат суштински прашања: колку пати навистина е продолжуван законот, дали постои сеопфатна анализа за неговите ефекти, дали по секое ново продолжување бројот на дивоградби се намалува или расте и дали институциите работат повеќе на превенција отколку на санирање на веќе направената штета.
Легализацијата на прв поглед може да се оправда како социјална мерка – начин да се решат имотно-правни проблеми и да се внесе правна сигурност во прометот на недвижности. Но кога таквата мерка се повторува без јасна граница, таа создава системска нееднаквост. Граѓанинот што гради законски плаќа проектна документација, комуналии, административни такси и даноци, минува низ процедура и чека дозволи. Граѓанинот што гради незаконски ги избегнува почетните трошоци, ја користи инфраструктурата и подоцна влегува во постапка за легализација со значително пониски или одложени финансиски обврски. Разликата не е само формална, туку реална и материјална. Таа создава нелојална позиција и испраќа порака дека почитувањето на правилата не е нужно најисплатливо.
Покрај фискалната димензија, последиците се и урбанистички. Урбанизмот е систем на планирање на просторот, инфраструктурата и безбедноста. Кога дивоградбите стануваат масовна појава, инфраструктурата се преоптоварува, улиците не одговараат на реалниот број објекти, зелените површини се намалуваат, а јавниот простор се стеснува. Корекцијата на таквиот урбанистички хаос подоцна ја плаќаат сите граѓани. Во таа смисла, губитникот не е само државата како институција, туку целото општество.
Најсериозната штета, сепак, е правната и моралната. Ако на секои неколку години следи нова можност за легализација, се создава очекување дека незаконитоста е привремена состојба што ќе биде исправена. Се формира култура на „прво гради, после среди“. Тоа е класичен пример на морален хазард – систем кој несвесно ги стимулира оние што го прекршуваат законот, а ги демотивира оние што го почитуваат. Дополнително, секоја масовна легализација отвора административна дискреција и простор за злоупотреби, што ја зголемува перцепцијата дека зад процесот стојат поединечни интереси и неформални мрежи на корист.
Паралелата со некогашните „времени објекти“ од социјализмот не е идеолошка, туку административна. Тогаш решенијата формално беа временски ограничени, но во пракса траеја со децении преку пролонгирања. Денес имаме закон што формално има рок, но практично се обновува. Кога привременоста станува трајна пракса, таа престанува да биде исклучок и се претвора во модел на управување.
Во оваа слика неизбежно се поставува и прашањето за улогата на институциите. Дали постои транспарентна и сеопфатна анализа на досегашните легализации, нивниот фискален ефект и нивното влијание врз бројот на нови дивоградби? Дали инспекциските служби делуваат навремено и доследно? Дали надзорните органи имаат изработено процена на коруптивните ризици поврзани со процесот? Без превентивен пристап и јасна одговорност, легализацијата останува реактивна мерка што ја третира последицата, но не и причината. Правната држава не се мери по законите што ги носи, туку по нивната доследна и еднаква примена.
Решението не може да биде во бескрајно продолжување на роковите. Потребна е јасна и недвосмислена временска рамка, проследена со сеопфатна анализа на досегашните ефекти и со засилен инспекциски надзор што ќе делува навремено. Финансискиот товар треба да биде поставен така што нема да создава нелојална предност за оние што граделе незаконски. Потребна е и транспарентност во постапките за да се намали просторот за сомнеж и злоупотреба.
Ако цикличната легализација продолжи како административно-политичка одлука без суштинска реформа, ризикот е продлабочување на правната релативизација, стимулирање на ново незаконско градење и дополнително слабеење на институционалната доверба. Краткорочно, ваквиот пристап може да создаде привиден социјален мир. Долгорочно, тој ја еродира правната култура и ја претвора државата во управувач на хаос наместо во гарант на редот.
Легализацијата може да биде оправдана како еднократна корекција на минатото. Но кога станува повторлива пракса, таа испраќа порака дека правилата се преговарачки. Во момент кога повторно се најавува продолжување на рокот за уште пет години, наместо да се затвори едно поглавје, се отвора ново. Прашањето повеќе не е дали ќе воспоставиме ред, туку дали сме се помириле со тоа дека правилата постојат за да се одложуваат, наместо да се применуваат. Игри без граници – па кој разбере, разбере.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


