
Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За нас“, остро реагира на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Претседателката на Унијата, м-р Гордана Бешлиовска, во своето соопштение изрази длабоко разочарување од фактот што, и покрај претходниот договор со министерот за здравство, здружението не било покането да учествува во работните групи.
„Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно го носат товарот на здравствениот систем. Медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела,“ се наведува во реакцијата.
Од Унијата бараат објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и итно вклучување на легитимни претставници на медицинските сестри во сите идни јавни расправи и работни групи.
„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија,“ додава Бешлиовска.
Во соопштението се потсетува и дека токму овие денови, додека институциите ги игнорираат, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Во Струга, викендов, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицински сестри и Регионалната ЕСНО конференција, на која учествуваа експерти од регионот, Европа и САД, со повеќе од 80 предавања.
„Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри. И токму во момент кога нашата професија блеска пред светот, државата ја сврте главата и нè исклучи од масата на која се носат одлуките за нас,“ стои во реакцијата.
Со пораката „Сестринството не молчи — сестринството зборува гласно кога е неправедно исклучено,“ Унијата најави дека ќе продолжи да се бори за вистинско претставување и почитување на професионалниот глас на медицинските сестри.