Од критично значење е нуклеарната централа Запорожје да има континуиран пристап до вода за да се спречи топење на реакторот, предупреди во средата генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси.
Најголемата европска атомска централа се потпира на резервоарот „Каховка“ за вода за ладење на своите шест реактори. Нивото на водата таму се намали за 2,8 метри откако браната „Каховка“ пукна рано во вторникот, а кога нивото на водата ќе падне под 12,7 метри, нуклеарката веќе нема да може да испумпува вода од акумулацијата, предупреди Гроси.
„Бидејќи целосниот обем на штетата на браната останува непознат, не е можно да се предвиди дали и кога тоа би можело да се случи“, рече Гроси, но со сегашната брзина од 5-7 сантиметри на час, тоа може да се случи во следните два дена.
Запорожје создава резерви на вода додека сè уште може, истакна Гроси, цитирајќи ги извештаите од експертите на ИАЕА кои се на терен. Тој има намера да ја посети нуклеарната централа следната недела и да донесе дополнителни набљудувачи за да го зајакне присуството на агенцијата во објектот.
„Сега повеќе од кога било, засиленото присуство на ИАЕА во Запорожје е од витално значење за да помогне во спречувањето на опасноста од нуклеарна несреќа и нејзините потенцијални последици за луѓето и животната средина во време на зголемени воени активности во регионот,“ рече Гроси.
Можното губење на главниот извор на вода за ладење за нуклеарната централа дополнително ја усложнува и онака исклучително тешката и предизвикувачка ситуација за нуклеарна безбедност.
АЕЦ Запорожје е најголемата атомска централа во Европа, со шест јадра на реакторот способни да генерираат по еден гигават електрична енергија. Руските војници ја контролираат од март минатата година.
Регионот во кој се наоѓа нуклеарката гласаше за приклучување кон Русија во септември 2022 година иако Украина тврди дека е незаконски окупиран.
ИАЕА распореди набљудувачка мисија во Запорожје во септември 2022 година откако украинските сили неуспешно се обидоа да го заземат објектот. Русија достави докази за украинските напади до ОН, кои упорно избегнуваат да обвиат некого.
Делумно поради украинската артилериска активност, пет од шесте реактори на Запорожје се исклучени, а еден работи на ниско ниво за да се одржи напојувањето на постројката. Сите тие бараат континуирано ладење за да се спречи топење на горивото и можна радиоактивна емисија.