Утрински Весник
Македонија

ИЈЗ: За само еден месец, за 92,8 отсто зголемен бројот на акутните заразни заболувања

Ijz.png

Во текот на месец декември 2024 година, до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пристигнале вкупно 1.623 пријави за заболени лица од акутни заразни заболувања (без КОВИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ), а ова е зголемување за 92,8 отсто во однос на претходниот месец ноември, пишува во месечниот билтен што го објавија денеска во ИЈЗ. Во декември, регистриран е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во ноември, 2024 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 20 до 29 години.

Првите две најчести заразни заболувања (овчи сипаници и ентероколити), учествуваат со 84,8 отсто во вкупниот број на заболени. Во декември, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 1.025 пријавени лица.


Во однос на поделбата на акутните заразни заболувања по групи, во декември, најголем процент 65,9 отсто, припаѓаат на капкови заболувања и со највисока инциденца се пријавите за овчи сипаници. Во оваа група се пријавени и 30 случаи на инфективна мононуклеоза, 9 случаи на скарлатина, 4 случаи на голема кашлица и два случаи на заразни заушки.

Во месец декември, пријавени се 381 случај на заболени од групата на цревни заболувања. Од нив, најголем број се пријавите за ентероколити. Пријавени се и 21 случај на салмонелози, 7 случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации и по еден случај на вирусен хепатит А и кампилобактериоза.

Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 22 заболени лица – седум случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатит Б, пет на вирусен хепатит Ц и четири на инфекција со хламидија.

„Во групата на зоонози, во декември, пријавени се 11 случаи, од кои 10 пријави на туларемија и една пријава на лајм борелиоза“, наведено е во извештајот.

Во текот на месец декември, пријавени се два случаи потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 40-49 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во ноември, 2024 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 20-29 години.

Можете да прочитате

Николоски: Авиолиниите Женева и Париз ги воведуваме за дијаспората

Следува натпросечно топло време, снегот на планините забрзано ќе се топи, а котлините ќе бидат многу поладни и со густа магла!

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ останува заглавена во криминалот