Утрински Весник
Македонија

И преглед кај матичен лекар ќе се закажува електронски, хронично болните и итните случаи не треба да закажуваат

И преглед кај матичен лекар ќе се закажува електронски, хронично болните и итните случаи не треба да закажуваат

Дел од пациентите ќе добијат можност за преглед кај матичниот лекар електронски да си закажат термин. Оваа новина, покрај останатите, е предвидена со реформите во примарното здравство за кои денес министерот за здравство Фатмир Меџити извести дека се веќе почнати. Закажување термин за преглед кај матичен лекар нема да биде неопходно за сите пациенти, туку само за оние кои поради други обврски можат да одат на лекар само во одредено време.

dobivaj vesti na viber

„Оние пациенти кои имаат обврски или нема кој да им ги чува децата ќе можат во точно одредени време да си закажат термин за преглед кај матичните лекари Термин кај матичен лекар нема да биде по принципот се или ништо, не значи дека сите мора да закажуваат термин. Секако ќе има пациенти кои се хронично болни кои што имаат акутни случаи кои ќе можат во кој било момент да влезат во ординација. Дел од термините се планира да бидат со можност за закажување. Работиме на модулот во насока на тоа електронско закажување кај матичен лекар. Ако се реализира, нема да биде по принципот се или ништо. Дел од термините ќе бидат оставени за хроничните и итни пациенти. Тоа е начинот кој планираме да го примениме“, рече Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите за примарната здравствена заштита.

Освен електронското закажување, новина за матичните лекари е и тоа што со реформите тие ќе можат да ги припишуваат лековите кои досега ги припишуваа само лекарите специјалисти, а ќе можат да издаваат и соодветни упати за лаборатории за следење на пациентите со висок крвен притисок, со дијабетес, со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), астма и проблеми со тироидната жлезда.

„Главната порака е дека правиме децентрализација на системот, ги доближуваме услугите до граѓаните, до нивниот дом. Нема потреба од закажувања кај специјалист кои се во насока само да се припише терапија или да се направи одредена дијагностичка процедура. Сега матичните лекари ќе припишуваат повеќе лекови за контрола на крвниот притисок, повеќе лекови за контрола на масти кај дијабетичарите, повеќе лекови за контрола на астма и хоб, повеќе лекови за контрола на хипотиреодизмот. Во насока на тоа матичните лекари имаат поголеми ингеренции за дијагностика, можат да припишуваат упати за лабораторија со цел да го следат пациентот и можат да ги припишуваат лековите кои досега ги припишуваа лекарите специјалисти. Постојат два типа рецепти детерминирани во Фондот за здравствено осигурување. Едниот е Р, кој го припишува матичниот лекар, а вториот е РС кој го припишува лекар специјалист. Сега РС лекот ќе можат да го припишуваат матичните лекари. Тоа е нешто што подолго време и матичните лекари преку своите здруженија го бараа за да можат подобро да ги контролираат своите пациенти. Истите протоколи што беа следени од специјалистите сега ќе бидат следени од матичните лекари, нема да изгубиме ништо од квалитетот на лекувањето. Матичните лекари ќе го третираат и крвниот притисок и дијабетот и хипотиреозата и ХОББ и астма“, објасни Мехмедовиќ.

Одлука кој пациент ќе треба да оди на специјалист ќе носи матичниот лекар, следејќи ги протоколите кои ќе им бидат доставени на сите ординации. Целта на реформите е во рана фаза да се откријат лица кои имаат здравствени проблеми за да се намалат трошоците кои следуваат за лекување на болеста откако таа ќе стигне во одмината фаза.

Досегашните скрининзи на населението за овие болести Мехмедовиќ вели дека се покажале како нефункционални, па затоа матичните лекари ќе добијат обврска кога кај нив ќе се појави пациент за која било здравствена услуга, доколку има показатели за некоја од овие болести, да му направат контрола и испитувања.

Освен нови обврски, Мехмедовиќ рече дека за матичните лекари ќе се обезбедат финансиски средства за нова опрема, неопходна за прегледите, за вработување втора медицинска сестра и администратор.

Министерот Меџити смета дека со реформите во примарното здравство пациентите ќе заштедат и пари и време оти нема да бидат обврзани за секоја терапија да доаѓаат во Скопје. Најави и подобрување на електронскиот систем за издавање лекови во аптеките.

„Точно ќе се знае дали една ампула е издадена во Гевгелија или во Гостивар“, рече министерот Меџити.

На реформата на примарното здравство министерот Меџити и координаторот Мехмедовиќ рекоа дека работат од 2018 година, а во рамки на овие реформи објаснија дека е и ревидирањето на листата на позитивни лекови, процес кој е веќе почнат.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!