
Македонскиот фудбалски шампион Шкендија ја продолжува европската приказна и напролет, испишувајќи нова страница во историјата на македонскиот фудбал. Тетовскиот клуб стана првата екипа од земјава која успеала да обезбеди пласман во нокаут-фазата на Конференциска лига.
Во последниот натпревар од групната фаза, Шкендија на гостувањето во Ларнака минимално загуби со 1-0 од АЕК Ларнака. И покрај поразот, резултатите на останатите натпревари одеа во прилог на тетовци, што беше доволно македонскиот шампион да се најде меѓу 24-те екипи кои ќе продолжат во нокаут-фазата.
Шкендија прва се закани уште во петтата минута преку Вебстер, но домашниот голман Аломеровиќ беше на висина на задачата. Голема шанса за АЕК следуваше во 17. минута, кога Хрвоје Миличевиќ, осамен во шеснаесетникот, со глава биеше над голот. Во финишот на првиот дел домаќините ја затресоа мрежата, но по ВАР-прегледот погодокот беше поништен поради офсајд, па на полувреме резултатот остана 0-0.
Во вториот дел, по само девет минути игра, тетовци останаа со играч помалку. По несмасен старт, Љатифи заработи директен црвен картон, што им даде дополнителен импулс на домашните фудбалери. Шкендија успешно се бранеше сѐ до 83. минута, кога по корнер од десната страна Карол Анџиелски остана непокриен и погоди за конечни 1-0.
До крајот немаше промена на резултатот, па и двата тима имаа причина за задоволство. АЕК обезбеди директен пласман во осминафиналето, додека Шкендија ќе настапи во 1/16-финалната рунда.
За тетовци следува зимска пауза, а следниот натпревар на европската сцена Шкендија ќе го одигра на 19 февруари следната година.



