– Владејачкото шиитско движење во северен Јемен, Ансар Алах (Хути), соопшти дека користело ракета „Палестина 2“ за да го нападне аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив. Нападот е извршен во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се враќал во Израел од САД.
„Јеменските воздухопловни сили го нападнаа аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив користејќи хиперсонична балистичка ракета „Палестина 2“ за време на пристигнувањето на премиерот на непријателскиот ентитет Бенјамин Нетанјаху“, изјави синоќа портпаролот на армијата на Хутите, Јахја Сари.
Претходно вчера, лидерот на Ансар Алах, Саид Абдул-Малик ал-Хути рече дека надежите на Евреите не се оправдани по убиството на политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханије, и рече дека нивните надежи биле залудни и по смртта на Хасан Нусрала.
„Фронтовите на поддршка ќе продолжат и ќе растат и покрај напорите на израелскиот непријател и нема да ги изневериме нашите два драги народи во Либан и Палестина“, рече лидерот на групата Хути.
Сирени вчера се огласија низ централен Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека една ракета била истрелана од Јемен, а околу 90 биле истрелани од Либан во правец на Израел.
Во Тел Авив и околните градови е активирана воздушна тревога, пишува „Тајмс оф Израел“. Повеќето од нападите на либанската група Хезболах беа насочени кон северен Израел, но и неколку ракети со долг дострел беа истрелани во правец на Тел Авив и на Западниот Брег, се вели во соопштението.
Јеменското движење Хути вчера изрази жалење поради смртта на водачот на либанската група Хезболах, Саид Хасан Насрала и рече дека ќе продолжи да ја поддржува групата.