На неформалниот состанок со европските колеги во Прага, министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман ја повика ЕУ да посвети поголемо внимание на Западен Балкан во контекст на руската агресија и рече дека Украина сè уште може да смета на хрватската поддршка.
Тој ја истакна важноста на безбедноста и стабилноста во непосредното соседство на Унијата, особено во Западен Балкан, а притоа предупреди на политиката на Србија.
„Треба да посветиме повеќе внимание на Западен Балкан. Наместо да ни се придружи во осудата на руската агресија, Србија го испраќа својот министер за внатрешни работи во Москва, а во исто време нивните највисоки функционери изнесуваат националистички пораки и ревизионистички наративи во рамките на империјалната политика на таканаречениот српски свет. Ова не треба да остане незабележано бидејќи очигледно не е во согласност со ставот на Европската унија и го дестабилизира целиот и онака кревок регион“ – нагласи Грлиќ Радман.