Претставници на главните филмски и телевизиски студија во Холивуд и синдикатот кој претставува 160.000 актери повторно седнаа да преговараат во средата (12 јули) во последен обид да се избегне втор штрајк на работниците во забавната индустрија пред крајниот рок на полноќ.
САГ-АФТРА, синдикатот што ги претставува холивудските актери, инаку најголемиот синдикат во Холивуд, бара поголема надокнада во ерата на стриминг телевизии плус заштитни мерки околу употребата на вештачка интелигенција (АИ).
Членовите одобрија штрајк доколку преговарачите не постигнат договор, а ѕвездите од А-листата, вклучувајќи ги Џенифер Лоренс и Мерил Стрип, рекоа дека се подготвени да ја напуштат работата.
Тие ќе им се придружат на околу 11.500 членови на Здружението на писатели на Америка (WGA), кои штрајкуваат од почетокот на мај. Масовниот штрајк резултираше во бескрајни репризи на вечерните телевизиски ток-шоуа, наруши најголем дел од продукцијата на есенската ТВ-сезона и снимањето на некои високобуџетни филмови.
Штрајкот на САГ-АФТРА ќе присили многу филмски сетови да се затворат и ќе го зголеми притисокот врз студијата да изнајдат решение.
„Сите се напнати и се надеваат дека одговорот е вистинскиот,“ рече актерката Флоренс Пју, говорејќи во Лондон на промоцијата на претстојниот филм „Опенхајмер“.
Доцна во вторникот, преговарачите на САГ-АФТРА се согласија на барањето од студијата да повикаат федерален посредник. Но, синдикатот рече дека претставниците на студијата ја злоупотребиле нивната доверба со протекување информации во медиумите и дека синдикатот нема да отстапи од крајниот рок во средата навечер.
Холивуд не се соочил со двоен штрајк од 1960 година, кога членовите на здружениото на писатели (WGA) и здружението на актери (Screen Actors Guild) повикаа на прекин на работата во битка за остатоци од филмови продадени на ТВ-мрежите.
„Мора да заработувате 26.000 американски долари годишно за да се квалификувате за вашето здравствено осигурување и, има многу луѓе кои го надминуваат тој праг преку своите преостанати уплати,“ рече актерот Мет Дејмон на промотивниот настан за „Опенхајмер“.
„Парите се заработуваат и треба да се распределат на начин што ќе се грижи за луѓето кои се на маргините,“ додаде тој.
Денес, синдикатите се борат против „Нетфликс“, „Волт Дизни“ и други компании околу основната плата и остатоците од стриминг-услугите, и други прашања, вклучително и употребата на генеративна вештачка интелигенција. Актерите бараат гаранции дека нивните дигитални слики нема да се користат без нивна дозвола.