Украински војник закрепнува по успешната операција, при што му била извадена неексплодирана граната од градите, соопштија властите од Киев.
Хирурзите ја извадиле гранатата, која се наоѓала веднаш под срцето на повредениот војник.
На операцијата присуствуваа двајца деминери, кои се погрижија внимателно да се ракува со експлозивната направа, изјави заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малијар, која на интернет објави фотографија од рендген, на која се гледа граната во телото на војникот.
Воените лекари извршија операција, при што од телото на војникот извадија граната VOG, која, за среќа, не експлодира“, напиша таа на „Фејсбук“, пренесува „Гардијан“.
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашенко, изјави дека тимот деминери ја неутрализирал гранатата и посочил дека станува збор за операција што „ќе биде запишана во медицинските учебници“.
Постапката беше изведена без употреба на електрокоагулација – вообичаен метод за контролирање на крвавењето за време на операцијата – „бидејќи постоеше можност гранатата да експлодира во секој момент“, рече Малијар.
„Неексплодираниот дел од граната е отстранет од областа под срцето“, напиша Герашченко на „Телеграм“.
„Нашите лекари никогаш претходно немале слична операција“, вели тој.
„Пациентот роден 1994 година е испратен на рехабилитација и неговата состојба е стабилна“, додаде тој.