Утрински Весник
Македонија

Хелсиншкиот комитет ја повика ЛГБТ-заедницата да биде тивка и невидлива за време на протестот на МПЦ

Хелсиншкиот комитет ја повика ЛГБТ-заедницата да биде тивка и невидлива за време на протестот на МПЦ

Хелсиншкиот комитет изрази загрижени од, како што велат, енормниот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера во врска со дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција.

dobivaj vesti na viber

„Ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба. Како граѓанско општество остануваме посветени на градење општествена кохезија и надминување на раздорот и застапување за помирување меѓу нашите граѓани. Со големо жалење и првпат бараме од лицата од ЛГБТИ-заедницата и од поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот, но нашата грижа за заедницата овој пат нè принудува на тоа. Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата, најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани.

Ве советуваме на 29.6., како и на денот потоа:

1. Да избегнувате да се движите во просторот на кој се одржува протестот;

2. Да избегнувате да носите обележја што асоцираат на ЛГБТИ-заедницата во јавен простор;

3. Движете се на осветлени и фреквентни улици и простори;

4. Секогаш имајте мобилен телефон при рака за во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата;

5. Во случаи на вербални напади и провокации останете смирени и тивки и бргу упатете се кон место каде што има повеќе луѓе;

6. Во случаи на вербални напади во такси останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријавете го возачот во такси-компанијата, а инцидентот до надлежните институции;

7. Во случај на напад или закани во автобуси останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции;

8. Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ! Штом сте на безбедно, веднаш пријавете.

Свесни сме дека ЛГБТИ-заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување права до институции и затоа ви излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да ги пријавите во Хелсиншкиот комитет за човекови права на следните телефони: од 9 до 15 часот – 02/3119073; од 15 натаму – 078/734217; Чувајте се и останете во добро здравје“, се вели во апелот.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег