
Соопштение за јавност на Хелсиншки комитет:

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, што се случи денеска на Бит Пазар за време на службен увид во нелегален градежен објект. Особено загрижувачки е фактот што нападот се случил пред очите на полициски службеници, кои, според изјавата на градоначалничката, не презеле соодветни мерки за нејзина заштита, и покрај сериозните закани по нејзиниот живот и безбедноста на нејзиното семејство.
Според сведочењето на Арсовска, напаѓачот ѝ се заканувал со силување и убиство на нејзините блиски, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци. Наместо итна интервенција и заштита, полицајците кои биле присутни на лице место, наводно, не реагирале соодветно, дозволувајќи толпата да продолжи со навреди, физички напади и закани.
Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени двајца напаѓачи. Но нема информации за мерки против полициските службеници кои биле присутни на местото на настанот.
Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара:
· Итна и независна истрага за случајот,
· Одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот,
· Кривично пријави против сторителите и соодветна постапка против нив,
· Обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати.
· Осуда на нападот од страна на сите политички и општествени чинители.
Одделот за внатрешна контрола,криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР итно да го разгледа (не)постапувањето на полициските службеници и да преземе соодветни дејствија и мерки против нив
Дополнително, ги повикуваме сите надлежни институции во овој случај да дејствуваат итно и одговорно.
Непостапувањето на институциите во случаи на очигледно насилство не само што ја охрабрува културата на неказнивост, туку директно го загрозува владеењето на правото и демократијата.