Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Првата Хронометар атлетска трка „HalkEco Хронометар“ 10KМ, која е во организација на Сојузот на спортови на Скопје и Атлетскиот клуб „Работнички“ од Скопје и со поддршка на Халкбанк како генерален покровител, ќе се одржи идната сабота (13 јуни). Организаторите информираат дека заради моменталната состојба со коронавирусот, атлетската трка ќе биде организирана со почитување на препораките од Владата и протоколите донесени од Комисијата за заразни болести.
На трката, чиј старт е под мостот „Гоце Делчев“ на кејот на Вардар, ќе има ограничен број учесници (360) кои својот стартен број ќе го добијат на домашна адреса. За време на трката, учесниците ќе мора да ги почитуваат мерките за заштита, што вклучува носење заштитна маска пред стартот, односно и по целта, но не и за време на трчањето.
– Бидејќи се работи за хронометар, односно точно мерење на времето на поминување на одредена зададена должина од патеката, а за да се запази препорачаното растојание меѓу учесниците, секој натпреварувач ќе има различно време на старт. Па така, првиот натпреварувач ќе стартува во 06:30 часот, а последниот во 09:30 часот. Временскиот интервал на старт помеѓу секој натпреварувач ќе биде 30 секунди, информираат организаторите.
Маја Наумовска Савеска, директор на дирекцијата за корпоративни и маркетинг комуникации во „Халкбанк“ истакна дека „Трката HalkEco Хронометар 10KM“ ќе биде сосема различна од сите трки кои се организираат поради примена на мерките за заштита од КОВИД-19 согласно државните препораки и протоколи, а кои ќе важат и за натпреварувачите и организаторите.
– За време на трката нема да има публика, а групирање на натпреварувачите пред и по трката нема да биде дозволено. Сите лица кои ќе бидат вклучени во организацијата ќе носат заштитни маски и ќе ги почитуваат мерките за држење дистанца, а ќе биде организирана и редарска служба. Долж патеката ќе има освежување и медицински екипи на велосипед, во зоната на старт/цел ќе бидат поставени мобилни чешми и средства за дезинфекција на раце, а на целта ќе има и амбулантно возило. Имајќи ја предвид природата на самата трка и фактот што таа претставува доказ дека ваквите спортови и во вонредни услови може, но и треба да се практикуваат на вака организиран и креативен начин во согласност со сите препорачани мерки за севкупна заштита, Халкбанк преку својата ХалкЕко активност со особено задоволство се јавува како значаен поддржувач на истата, објаснува Наумовска Савеска.
За најдобрите 5 тркачи во машка и женска конкуренција предвидени се парични награди, а дополнително „Халкбанк“, за учесниците ќе обезбеди подароци.
Трката го носи називот на апликацијата HalkEco на Халкбанк, чија цел е да придонесе за формирање здрави навики и зачувување на животната средина. За секоја активност: трчање, пешачење, возење велосипед или тротинет, секој кој ја користи апликацијата собира HalkCoins за кои, во зависност од бројот, следуваат подароци и други бенефиции. Истовремено, на овој начин се обезбедуваат дрвја за кои „Халкбанк“ презема обврска да ги засади, со што корисниците заедно со банката придонесуваат за почиста и поздрава околина.фф/са/