Израелската офанзива во Рафа би значела крај на програмата за хуманитарна помош за Газа, каде што помошта за населението се уште е „целосно недоволна“, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Големата офанзива најавена од израелските власти врз градот на југот на Појасот Газа „не само што би била страшна за повеќе од еден милион палестински цивили кои се засолниле таму, туку би значела крај на нашите програми за помош “, предупреди Гутереш на почетокот на 55-та седница на Советот за човекови права на ОН во Женева.
Генералниот секретар на ОН рече дека „ништо не може да го оправда намерното убивање, ранување, мачење и киднапирање цивили од страна на Хамас, прибегнување кон сексуално насилство или неселективно лансирање ракети врз Израел“.
– И ништо не го оправдува колективното казнување на палестинскиот народ – додаде Гутереш.
Според него, „хуманитарната помош се уште е целосно недоволна“.
– Го повторувам мојот повик за хуманитарен прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници – рече тој.
Гутереш додаде дека и покрај неговите итни апели до Советот за безбедност на ОН да ги преземе сите неопходни мерки за „да се стави крај на крвопролевањето во Газа и да се спречи ескалација“, Советот не реагирал.
Како една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, САД – главниот сојузник на Израел – стави вето на сите повици за прекин на огнот во Газа.
Гутереш предупреди на последиците од неуспехот на Советот за безбедност да одговори на Газа, потсетувајќи на неуспехот на Советот да одговори на војната во Украина поради руското вето.
Неуспехот да се реагира „сериозно, можеби фатално, го поткопа авторитетот на Советот за безбедност“, предупреди тој.
На Советот за безбедност на ОН „потребна е сериозна реформа на неговиот состав и методи на работа“, додаде генералниот секретар на ОН.