
Ексвицепремиерот и министер Артан Груби е во Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, од утринава.
„По извршените прегледи од домскиот лекар, Груби е сместен во притворското одделение“, изјави директорот на затворот, Бобан Утковски.
Тој додава дека во кратката средба што ја имал со Груби му било кажано оти е во добра здравствена кондиција.
„Го прашав дали има некои здравствени побарувања и одговорот беше негативен. Тој е во добра здравствена кондиција“, додава директорот.
Утковски вели и дека како дел од редовната процедура Груби бил прашан дали можеби не се чувствува безбедно поради некој друг од притворените, и според одговорот што го добил, директорот донел одлука да го смести со уште едно друго лице.
„Го прашавме дали има закани од некого, а одговорот е можеби негова првична проценка, но затоа мора да внимавам со кого го ставам“, рече тој додавајќи дека засега Груби останува кај нив.
Од Основниот кривичен суд Скопје ни рекоа дека засега нема никакви промени во постапката и дека Груби е во Шутка бидејќи Кривичен веќе има определено 30-дневен притвор кој почнува да се спроведува по негово обезбедување. Од Кривичен велат дека доколку има некои нови барања, тоа прво ќе биде преку Обвинителството, а потоа во Судот.


