Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на собраниска седница порача дека ќе го тужи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, поради „клевета за изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д“.
„Колегата Лефков е многу гласен, ја заменува гласноста со храброста, јас му упатив барање да се извини, вашата партија го прифати барањето, а тој кукавички избегнува. Поднесов веќе тужба да се видиме на суд за сето тоа што го клевети. Му недостига храброст да излезе од говорницата и да го клевети истото тоа и ја користи говорницата на Собранието затоа што знае дека ќе се соочи со правни последици за она што го зборува“, рече Груби.
Вицепремиерот Груби се надева дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат конструктивни и ќе дадат придонес да го поддржат проектот и ќе имаат и тие дел во изградбата на автопатите.
„Се надевам дека новите ветришта што дуваат во ВМРО-ДПМНЕ се конструктивни и ќе успееме заеднички да ја заокружиме приказната на европска Северна Македонија. Многу сум радосен за позитивната атмосфера што владее во нивната партија“, посочи тој.
Левков претходно го обвини Груби за местење тендер за коридорите и за тоа дека треба да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиона евра затоа што условите под кои се тендерирани се за фирма загубар да може да го добие тендерот.