
Соопштение за јавност на ГРОМ:
Излегува на површина причината зошто и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити, и сегашниот Арбен Таравари одбиваа да го продолжат договорот на ЈП „Градски паркинг“ –Скопје да стопанисува со паркингот на Клинички центар, кој е истечен од 2022 година.
Јасна е како ден намерата на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ да си ја присвојат оваа златна кокошка, па така, приходот од платениот паркинг наместо да се слева во државната каса, сега ќе оди во нечии приватни џебови…
Паркингот на клинички центар е еден од најпрофитабилните паркинг простори во Скопје и Македонија. Со него, со години управуваше и стопанисуваше ЈП „Градски паркинг“ Скопје, и беше клучен фактор за финансиска стабилност за претпријатието и вработените. Сега, со одлука на патриотската влада, газда на оваа стратешка локација ќе биде „Ѓока констракшн“ од Албанија!
Прашање на време е кога повластените категории граѓани како што се лица со попреченост, крводарителите, вработените, стратешкиот инвеститор од Албанија ќе ги укине, а во исто време и ќе побара повисоки цени за паркирање на сите пациенти кои од цела Македонија доаѓаат да се лекуваат во овој клинички центар!
Очигледно е дека СДСМ беше колеблив и немаше храброст да удоволи на ваквото барање на ДУИ, но затоа на патриотите од ВМРО-ДПМНЕ оваа особина не им изостанува. Даваат согласност за добробит на коалицијата ВЛЕН и за мир во куќа да стопанисува фирма донесена дури од Албанија наместо овој паркинг да биде општо добро и да служи за потребите на сите граѓани.
За ВМРО-ДПМНЕ битно е да ја повторуваат истата песничка дека го нема ДУИ, но сега на граѓаните им се пее уште полоша песна. Не е ДУИ, туку нивниот помал брат ВЛЕН, кој како тргнало ќе стане поголем и од ВМРО-ДПМНЕ.
ГРОМ апелира до Градот Скопје кој треба да донесе одлука на Совет со која ќе даде согласност на фирмата да врши паркинг услуги на Клиничкиот центар. Сега се на потег советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје и нивните коалициони партнери кои го имаат мнозинството во Советот. Да видиме дали останало трунка од нивниот патриотизам или и тие се дел од оваа мрсна приказна која пред очите на граѓаните општото добро го претвораат во приватно.