Утрински Весник
Македонија

Грковска: Колку поуспешно се адаптираме на технолошките промени, толку повеќе ги јакнеме условите за развој

Владата ги задолжи институциите да го зголемат обемот на информации што ги објавуваат на своите веб-страници

„Дигиталната трансформација мора да биде испреплетена со принципите на добро владеење. Бидејќи само така ќе биде насочена кон потребите на сите граѓани. И во поглед на ефикасно користење на јавните услуги и за безбедно и сигурно користење на дигиталните алатки и интернетот во секојдневието”, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ во организација на фондацијата „Метаморфозис“.

dobivaj vesti na viber

Грковска го елаборираше Концептот за дигитална трансформација на општеството, кој беше усвоен од страна на Владата пред две недели и за кој веќе е започната подготовка на патоказ за имплементација. Со спроведувањето на Концептот ќе се подобри слободниот пристап до јавните информации, ќе се даде предност на дигиталната верзија на записите и електронските потписи, а дигиталниот потпис создаден со лична карта ќе биде еквивалентен со своерачниот потпис. Таа нагласи дека со имплементација на начелото дека податоците што се еднаш внесени во јавен регистар нема повторно да се бараат од физичките и правните лица, ќе се зголеми ефикасноста на институциите во меѓусебната комуникација, но и во однос на граѓаните. Спроведувањето на Концептот значи и воведување електронска лична карта и мерки со кои ќе се поддржи поврзувањето на сите домаќинства на широкопојасни услуги за да се избегне продлабочувањето на постоечките дигитални јазови во општеството и маргинализацијата на цели групи од општествените текови.

„Ова несомнено ќе ја подобри релацијата граѓани – институции и ќе елиминира низа штетни пракси, кои создаваат фрустрации во секојдневното функционирање, го поттикнуваат коруптивното однесување и нееднаквиот третман и секако, придонесуваат за недовербата во институциите“, нагласи Грковска.

Поради неопходноста од создавање систем кој ќе биде отпорен на бројните ризици кои се пропратен елемент на дигитализацијата, но и заради задржување и привлекување на квалитетен и квалификуван ИТ кадар во институциите ќе се формира и Агенција за дигитализација. Агенцијата ќе управува со промените, ќе поставува стандарди за безбедна размена на податоци и ќе се грижи за сајбер безбедноста на сите засегнати страни.

„Граѓаните и институциите во повеќе наврати веќе ја почувствуваа и опасноста од хибридните закани. Нема сомнеж дека во иднина ќе искрснуваат и предизвици кои не можеме ни да ги замислиме во моментов, а кои силно ќе влијаат врз социоекономските состојби и процеси. Затоа, немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност. Бидејќи колку поуспешно се адаптираме на технолошките промени, толку повеќе ги јакнеме условите за развој и напредок на сите полиња“, заклучи вицепремиерката Грковска.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег