Утрински Весник
Македонија

Грковска: Ефикасното управување со јавните финансии го намалува просторот за злоупотреби и корупција

Грковска: Ефикасното управување со јавните финансии го намалува просторот за злоупотреби и корупција

„Ефикасното управување со јавните финансии и доброто владеење воопшто, значи што посоодветно и што поправично исполнување на општествените приоритети со ресурсите кои нѝ се на располагање, а кои не се неограничени. Доброто управување значи грижа за стабилноста, за градење ефикасни институции кои го исполнуваат интересот на граѓаните и создавање услови за социо-економска еднаквост и напредок. Секое управување кое во себе ја нема оваа мисија, остава поголем простор за корупција“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на првата сесија на работната група за антикорупција, формирана во рамки на проектот „Национална конвенција за Европска Унија – Кластер 1“.

dobivaj vesti na viber

Грковска посочи дека справувањето со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата се меѓу клучните теми од интерес за сите граѓани и го истакна значењето на граѓанскиот сектор, кој преку демократска дебата и експертиза придонесува во реформските процеси.

„Штитејќи ги финансиските интереси на државата, ги штитиме интересите на граѓаните, на нивните средства. Затоа е исклучително важно постојано да се зголемува финансиската контрола и одговорност, со инкорпорирање на европската регулатива и практики и со понатамошно јакнење на транспарентноста на јавните финансии“, изјави Грковска, дополнувајќи дека на полето на транспарентоста изминативе години Владата направи значаен исчекор напред и продолжува во насока на градење култура на активна транспарентност во нашите институции.

Ефикасното управување со јавните финансии, нагласи таа, само по себе е еден од најсилните механизми за спречување на корупција и тоа треба да се има предвид во сите напори за елиминирање на негативните и штетни појави во општеството.

„Факт е дека оваа појава е позастапена во помалку развиените земји, а и дека најмногу им штети на најсиромашните. И тој круг е обрачот кој ги заробува можностите за развој. И понекогаш се чини дека е невозможно да се скрши. Но не е така, бидејќи ако проблемот е во системските слабости, во недостигот на транспарентност и отчетност, и самите решенија на проблемите се наоѓаат на истото место. Сепак, комплексноста на корупцијата, значи дека за справување со овој феномен мора да има волја и напори на сите нивоа и гранки на системот“, оцени таа.

Сесијата се одржа во Клубот на пратеници, во организација на Европското движење на Северна Македонија, кое преку експертски и отворен дијалог континуирано придонесува за прашања поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија и помага тие да се обликуваат согласно со поширокиот јавен интерес. Во оваа сесија учествуваше и гувернерот на Народната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, Шенај Хаџимустафа, професорка на ЈИЕ, Александар Кржаловски и Снежана Камиловска Трпевска од МЦМС, претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска и Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи-ЗМАИ.

Можете да прочитате

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете