
На Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 75-годишна пациентка како последица на компликации од грип. Според информациите од клиниката, жената имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана против сезонски грип.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, потврди дека кај пациентката била лабораториски дијагностицирана инфлуенца А.
„Се работи за возрасна пациентка на 75 години кај која лабораториски е потврдена инфлуенца А и која имала повеќе коморбидитети“, изјави д-р Цана.
Состојбата на клиниката, како што информираат од таму, останува сериозна. Во моментов уште двајца пациенти се во критична состојба и се приклучени на апарати за механичка вентилација, додека неколкумина се на кислородна поддршка. Вкупно се хоспитализирани 25 пациенти, претежно повозрасни лица.
„Пациентите се хоспитализирани затоа што кај нив се констатирани компликации од вирусот на грип, пред сè со респираторно засегање“, појасни д-р Цана.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, само во првата недела од годинава во земјава се регистрирани 1.725 случаи на грип.

