
Грчката Служба за национална безбедност спроведува истрага за зголеменото купување земјиште и недвижности во северниот дел на земјата од страна на бугарски и турски државјани, пренесуваат регионалните медиуми. Според информациите, бугарски граѓани купуваат напуштени куќи во рурални и депопулирани средини по ниски цени, кои потоа ги обновуваат со намера трајно да се населат. Дел од имотите се користат и како деловни објекти наменети претежно за бугарски и турски посетители.
Посебно внимание привлекува интересот на турски инвеститори, кои, за да ги заобиколат законските ограничувања за државјани на трети земји, настапуваат преку компании регистрирани во Бугарија. Според локални адвокати и нотари, во регионот веќе се направени значителни инвестиции во хотели и други високовредни недвижности. Иако правните експерти наведуваат дека трансакциите формално се во согласност со европските прописи, грчките власти изразуваат сомнеж за можни пошироки геополитички и безбедносни импликации, особено во областа Еврос. Паралелно се проверува и потеклото на средствата, поради сомнежи дека дел од капиталот би можел да потекнува од нелегални активности. Пратеници од владејачката партија Нова демократија веќе побараа измени на законите кои го уредуваат стекнувањето имот од странски државјани.


