Утрински Весник
Балкан

Грчката влада исполни само дел од барањата на земјоделците

Grcija.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Од 27 барања доставени од земјоделците, грчката Влада веќе исполнила или позитивно одговорила на 16. Четири барања се во дискусија, а седум се отфрлени поради финансиски или законски ограничувања, објави премиерот Кирјакос Мицотакис. Во своето неделно обраќање, Мицотакис упати остра критика кон земјоделците кои веќе три недели блокираат патишта, предупредувајќи дека последиците врз економијата и туризмот се сериозни, особено во пресрет на празниците.

„Економските последици од блокадите врз остатокот од општеството веќе се очигледни. Борбата за остварување на барањата мора секогаш да биде со почит кон општеството во целина. А ако земјоделците од блокадите одбиваат да ја слушнат Владата, нека ги слушнат хотелиерите, угостителите, стопанските комори од нивната област. Нивните пријатели и роднини кои сакаат да патуваат и да ги посетат за празниците. Но, нека размислат и за нашата татковина, за нејзината меѓународна трговија и економската активност, врз кои нивните протести влијаат негативно и, секако, без никакво позитивно влијание врз нивните барања“, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Земјоделците, кои од 30 ноември поставиле над 60 блокади низ Грција, денеска одлучуваат за следните чекори. Најавено е дека за време на Божиќ и Нова година патиштата ќе бидат отворени, но тракторите ќе останат симболично паркирани покрај улиците.

Можете да прочитате

ТикТок се враќа во Албанија

Грчките земјоделци нема да ги блокираат границите за време на празниците

Две лица од Македонија загинаа во сообраќајка на автопатот Белград-Ниш