Утрински Весник
Македонија

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ продолжува со кампањата „Читаме современи македонски автори“

Poster.png

Нашите библиотекари бележат зголемен интерес за македонските автори во сите наши објекти. Читателите ги бараат предложените книги, но и наслови што не се дел од кампањата. Добиваме одлични реакции од авторите дека се онаму каде што треба да бидат – на полиците и меѓу македонските читатели, вели Снежана Стојчевска директор на ГБСК.

По успешните две сезони, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува третиот циклус од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.До мај следната година ќе бидат претставени осум македонски автори и исто толку дела. Кампањата ја задржува препознатливата структура: секој месец започнува со Книга на месецот, првата седмица е Разговорот со авторот, а последната Клубот на читатели.

-Претходните два циклуса од кампањата ни се поттик и мотивација дека треба да продолжиме со истото темпо. Нашите библиотекари бележат зголемен интерес за македонските автори во сите наши објекти. Читателите ги бараат предложените книги, но и наслови што не се дел од кампањата. На разговорите имаме бројна публика, па и луѓе што претходно не доаѓале во библиотека. Добиваме голема поддршка од сите издавачи, од медиумите, од културната јавност. Добиваме одлични реакции од авторите дека се онаму каде што треба да бидат – на полиците и меѓу македонските читатели, вели Снежана Стојчевска директор на ГБСК.

Третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ започнува со „Сѐ уште можам нешто да сторам” од Фросина Пармаковска, книга за месец септември.

-Ова е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна, посочува издавачот Или-Или.

Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, а магистрирала на Институт за македонска литература. Во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Во 2018, ја доби наградата „Најсупешен автор“ што ја доделува МАИ. Во септември 2020 година излезе нејзиниот четврт роман „На враќање“ во издание на Или-Или. „Сè уште можам нешто да сторам“ е роман објавен во 2023 и е добитник на „Рациново признание“ за најдобра прозна книга за 2023 година. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.

Разговорот со Фросина Пармаковска е закажан за в среда (4 септември) во 19 часот. Модератор ќе биде книжевниот критичар Александра Јуруковска, а фрагменти од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година како силна поддршка за современата македонска книжевност, за квалитетните дела, за издавачите и за македонскиот јазик. Досега беа претставени 16 автори и исто толку книги со жанровска разноликост: романи, раскази, репортажи, поезија. Кампањата е потсетување дека токму домашните читатели се тие што треба да ги читаат домашните автори. „Читаме современи македонски автори“ има препознатлив визуелен идентитет, инегриран пристап на социјалните медиуми, а од страна на Македонската асоцијација на издавачи беше наградена со признанието Промотор на читачката култура.

Можете да прочитате

Тошковски на терен заедно со полициските службеници: За една седмица лишени од слобода 67 лица

Мицкоски и Стефковски ги пречекаа првачињата во Автокоманда

25 лица се затруле со храна на две прослави во Куманово