Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до Основно јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против градоначалникот на овој град Љ.П.(63), поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Од МВР велат дека тој во својство на службено лице – градоначалник на Општина Кочани, со искористување на својата службена положба, ги пречекорил границите на своето службено овластување, така што на 6 декември 2021 година за првпат го именувал С.З. за вршител на должноста директор на СОУ „Гошо Викентиев“ Кочани и продолжил да го именува по трети и четврти пат, иако бил должен да знае дека лицето кое го именувал не го положил испитот за директор во законски утврдениот рок од една година и не ги исполнува условите за вршење на должноста.
Со наведеното дејствие, велат од МВР, пријавениот постапил спротивно на член 93-в од Законот за средно образование и му овозможил на лицето да се стекне со противправна имотна корист во вкупен паричен износ од околу 63.552 денари.