Градоначалникот на Будва и висок функционер на прорускиот Демократски фронт, Мило Божовиќ, е уапсен денеска во акција на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Акцијата била спроведена во повеќе градови.
Црногорското обвинителство се уште не соопштува за какви дела се товари Божовиќ, но посочува дека се работи за истрага за два кривични дела.
На собраниската Комисија за безбедност веднаш реагирал лидерот на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, кој уверува дека неговиот функционер Божовиќ не сторил никакво кривично дело.
„Добив информација дека во тек е претрес на куќата на Мило Божовиќ и дека ќе се претресува и неговиот деловен простор, а тој е осомничен за тешки кривични дела. Специјалниот обвинител ќе треба да приложи многу докази за да ги оправда овие тврдења,“ истакна Мандиќ.
Портпаролот на специјалниот обвинител Вукас Радоњиќ претходно изјави за „Радио Слободна Европа“ дека Специјалното полициско одделение презема мерки и дејствија во рамки на истраги за две кривични дела со логистичка и оперативна помош на полициската Единица за антитероризам.
„Јавноста ќе биде навремено информирана за евентуалното лишување од слобода на одредени лица и за резултатите од тековните мерки и дејствија“, посочи обвинителот Радоњиќ.
Тој додаде дека апсењето на Божовиќ е извршено по наредба на обвинителството, со поддршка и асистенција на Европол.
Кој е Мило Божовиќ?
Мило Божовиќ (46) по професија е економист. Според неговата официјална биографија, тој бил одборник во сите состави на градското собрание на Будва од 2005 до 2020 година.
Откако опозицијата предводена од просрпскиот и проруски Демократски фронт (ДФ) ја освои власта во Будва на изборите во 2016 година, Божовиќ беше избран за управител на општината.
Откако ДФ со коалиционите партнери освоија мнозинство на парламентарните избори во август 2020 година, Божовиќ стана пратеник во Собранието на Црна Гора, а истиот месец дојде и на местото претседателот на општина Будва, Марко Царевиќ, кој поднесе оставка.
По локалните избори во октомври, на Божовиќ му беше потврден мандатот на чело на општината.
Во септември 2022 година, порталот М објави преписка од сега затворената комуникациска мрежа „Скај глобал“ (SKY ECC) меѓу двајца членови на Шкаљарскиот клан во која се споменуваат наводните незаконски активности на Божовиќ во контекст на поддршка што тој можел да им ја обезбеди во безбедносниот сектор.
Божовиќ во тоа време беше член на собраниската Комисија за безбедност, а официјалните органи во тоа време не излгоа со никаква реакција на написите.
Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС) на почетокот на годинава соопшти дека против Божовиќ поднела пријава до Агенцијата за спречување на корупцијата за непоќитување на законската обврска за пријавување имот во изминатите две години.
МАНС наведе дека податоците од катастарот на Будва покажуваат оти Божовиќ значително го зголемил својот имот во споредба со 2019 година, кога последен пат поднел пријава.