
Една од најтаинствените и најбогати населби во САД, Норт Оукс во Минесота, по децении дигитална „невидливост“, конечно стана достапна за јавноста откако инфлуенсер со дрон успеа да го мапира целиот простор и да ги објави снимките на интернет.
Норт Оукс важи за елитна адреса со луксузни имоти вредни и по неколку милиони долари, но и покрај тоа, многу жители на Минесота досега не ни слушнале за ова место. Причината е едноставна – населбата долго време била практично „избришана“ од Google Maps.
Иако формално не е затворена заедница, сите улици во населбата се приватна сопственост, а влезовите се под постојан надзор со камери и системи за препознавање на регистарски таблички.
Жителите уште во 2008 година му се заканија на Google со тужба, барајќи нивната населба да биде отстранета од Street View. Компанијата тогаш попушти, во случај што беше оценет како преседан во САД.
Но, инфлуенсерот Крис Пар пронашол правна „дупка“ – воздушниот простор не е под контрола на населбата. Откако станал лиценциран оператор на дрон и добил одобрение од надлежните власти, легално го прелетал Норт Оукс и направил детални снимки.
За да пристапи до локацијата, Пар објавил оглас и преку жителка која му овозможила влез за симболична сума, успеал да го реализира својот план.
Снимките брзо станаа вирални, но предизвикаа и незадоволство кај жителите. Претставници на заедницата најавуваат можни правни чекори, додека дел од јавноста го поддржа потегот, оценувајќи го како пример за т.н. „Стрејзанд ефект“.
„Мапите се јавна инфраструктура. Непотполна карта не му користи на никого“, изјави Пар, додавајќи дека целта му била да покаже дека светот треба да биде достапен за истражување.
Иако Google ги отстранил неговите снимки по краток период, инфлуенсерот повторно објавил нови, продолжувајќи ја својата мисија.


